Акроними и активизам зад „тајмлајнот“

во ИТ.ЕУ, Свет, Статии

Изминатава седмица беше полна со настани. Вистина, веќе до средина, кога почнав да го пишувам овој текст, расправата за новиот американски закон Stop Online Piracy Act, беше одложена, па закажана, па повторно одложена за по Нова година, а Советот на министри за земјоделство и рибарство во ЕУ го прифати меѓународниот договор ACTA – договор кој на големо треба да ги регулира прашањата за авторските права и интернет.

Со оглед на тоа дека не сме ни дел од САД, ниту од ЕУ, можеби се чини дека овие вести немаат некоја посебна важност за нас овде во Македонија. Но, таквото гледиште би било наивно, ако не и штетно.

Не бидејќи примената на овие закони и договори можеме да ја избегнуваме – можеби и можеме на кратко, туку бидејќи тие откриваат многу суштински пораки за тоа како функционираат модерните држави и за тоа како идејата за демократија, а можеби и самата демократија, ќе треба повторно да се извојува.

Да почнеме со SOPA: Slashdot извести дека американскиот конгресмен кој го предложил овој закон во Конгресот на САД во последните 10 години има добиено речиси половина милион долари донации од ТВ, филмската и музичката индустрија, т.е. тие интересни групи што најмногу се жалат од интернет и мрежаните. Кога го прочитав ова, не можев, а да не се сетам на Лоренс Лесиг и неговата книга „Изгубената република“. Во неа се споменува интересно сеќавање на конгресменка (стр. 148): „Се сеќавам на коментар на познат делегат од Вирџинија што собира многу пари. Тој рече: „Наслони се кон зелените“, а не беше борец за здрава живoтна средина.

Во книгата г. Лесиг на долго и широко објаснува како парите го корумпираат американскиот конгрес, и како републиката, претставничката демократија (се) губи.

Начинот на кој е изгласан договорот ACTA сигурно треба да ги натера и европските граѓани да се запрашаат за своите републики. Тешко е да се поверува дека министрите за земјоделство (па и нивните служби) се експерти за авторски права и трговски марки. Една од најголемите грижи за ACTA е во нејзиното претставување како „трговски договор“, т.е. нешто што е доволно да се усвои на ниво на извршна власт (влада), за кое не е потребно посебно одобрување од националните парламенти.

И покрај сѐ, битката против SOPA и ACTA продолжува, колку на интернет, толку и во Конгресот и Европскиот парламент. Се надеваме на победа на граѓаните против корпорациите и зависните влади; победа од која несомнено корист ќе имаме и ние тука; победа без која стигнувањето до некои други победи ќе бидат потешко. Кори Доктороу пишуваше: „Глобална мрежа… не е доволна да се отстрани диктатор, но сигурно не би сакал да правам револуција без таква мрежа“, а Клеј Џонсон од малку поинаква перспектива нѐ потсети на истото во „Драг интернету: веќе не е во ред да не знаеш како работи Конгресот“.

Накратко, додека ја подразбираме важноста на светската мрежа, треба да престанеме да се залажуваме дека најинформирани и најпаметни мрежани го населуваат овој простор и дека револуцијата ќе бликне од „лајковите“ и „ретвитовите“, па дури и од долгите и аргументирани текстови и коментари. Тоа нема да се случи. Битките, без разлика за која цел, не завршуваат на нашиот ѕид или „тајмлајн“; тие можеби започнуваат таму, но течат и целат на улиците, плоштадите, дебатите и промовирањата, писмата и барањата до конгресмените и пратениците, а се градат во библиотеките и универзитетите, во учењето и истражувањето.

Активностите околу ACTA и SOPA се доказ за тоа и пример од кој треба да учиме.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
1 Коментар
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
trackback

[…] е објавен на it.com.mk: Акроними и активизам зад „тајмлајнот“. Tweet This entry was posted in Контра by administrator. Bookmark the […]