Netflix, Amazon, но и сите компании кои сакаат да емитуваат програма во Европа ќе мора да се обврзат 30% од содржината која ја емитуваат да биде локална. Ова ќе биде обврска на новиот закон кој го подготвува Европската Унија.
За примена на овој закон е потребно да заврши и последното гласање. Претставникот на Европската комисија задолжен за комуникациски мрежи содржина и технологија, вели дека последното гласање е формалност.
Компаниите кои емитуваат содржини во Европа имаат 20 месеци да ја усогласат програмата, пренесе Variety. Државите членки можат да донесат одлука да го зголемат учеството на локална содржина на 40%. Со ова Netflix и Amazon ќе инвестираат во локалната содржина, што секако ќе го зголеми нивното присуство.
Унијата не застанува на ова. Се работи и на ново законско решение кое ќе им помогне на креаторите на содржина, на пример YouTube, но и сите слични платформи за да исплатат поголеми суми на креаторите на содржина која ја пренесуваат.
„Парадоксот е во тоа што во дигиталниот свет, платформите го добиваат најголемиот дел од заработката, а тие кои се креатори на содржината добиваат помал дел. Ова е јаз со вредностите кој го креира интернетот. Артистите и креативците, мора да можат самите да ги договорат своите услови“, вели Роберто Виола.