Игри како Air Twister се вистинска реткост, феноменална комбинација која на едноставната основа нуди раскошна забава. Постои причина зошто има многу малку on-rails шутери. Се смета за тешка задача да се осмисли и понуди забавна игра во која движењето е автоматско, а вие само нишаните и пукате.
Уште во првите десетина минути гледате дека ситуацијата со Air Twister е поразлична и Ys Net нуди интересен и, најважното од сѐ, забавен спин на формулата.
Air Twister можеби нема добра приказна, но има сѐ останато. Симпатичната графика грациозно танцува помеѓу модерна и носталгична презентација.
Музиката е апсолутно феноменална и често скокавме од стаза до стаза само за да ја слушнеме наредната песна. Има нешто посебно ретко и пријатно во слушање на бројните песни на Valensia, холандскиот композитор, продуцент и пејач кој има триесет години искуство и е мајстор за свирење на бројни инструменти. Начинот на кој е осмислен гејмплејот, одлично се вклопува со музичките вокали.
Она што сакаме да кажеме е дека Air Twister има душа и е пријатна, едноставна, но релаксирачка и крајно забавна форма на интерактивна забава.

Девелоперот Ју Сузуки, најдобро познат по серијалите Shenmue, Virtua Cop, и Virtua Fighter, ве става во улога на принцезата Арч и ви ја наметнува обврската да го браните вашиот дом од инвазијата на вангардите. Она што на вас се остава е да поминете низ 12 прекрасно осмислени стази и да се соочите со 20 различни непријатели и 10 уникатни босови.

Покрај тоа што лета, принцезата Арч може да користи најразлични оружја, опрема и моќи. Непријателите се редат пред вас, а вие нишаните и пукате кон нив со левиот клик. Доколку го задржите левиот клик и повлечете линија која ги покрива сите непријатели, ќе активирате автоматско нишанење и Арч ќе исфрли серија од куршуми кон непријателите. Ни нападите на непријателите не се за потценување и често ќе треба да кликнете и да го држите левиот клик за да се префрлите од една на друга страна.

Бидејќи стазите се одликуваат со бројни уникатни механики, а предизвикот се состои во релаксирачко летање и пукање, Air Twister има огромна вредност на преигрување, особено во мали временски дози.
Тука се бројни предизвици кои ја менуваат формата на играта, како и различни режими за побрза и подинамична акција или пак сервирање бос-врз-бос.
Со бројните ѕвездички што ги собирате ќе можете да отклучувате најразлични костими за принцезата, како и фризури, шминки, но и оружја и опрема.

И покрај сѐ, Air Twister се чини како премногу кратка игра за едно преигрување, особено кога ќе се земе во предвид цената од 25 евра. Од една страна, песните може да не им се допаднат на сите, а, од друга, често се случува песните да завршат баш кога оди најдобриот дел, поради што посакувавме стазите да се подолги. Надвор од ова, Air Twister е мал, но преубав и симпатичен проект на легендарниот Ју Сузуки.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Ys Net
- Издава: ININ
- Жанр: on-rails shooter, TPS
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 10 ноември 2023