Absolum: револуционерна roguelite авантура

во Вести

Кога станува збор за модерни beat ‘em up игри, Dotemu е едно од најпрепознатливите имиња. Зад овие издавачи се кријат бројни и прекрасни проекти кои мајсторски го разгоруваат носталгичниот дух. По нивните претходни и крајно успешни проекти кои ги оживеаја класичните франшизи, тимот се здружува со Guard Crush Games и Supamonks за да ни го претстави Absolum – оригинален наслов кој амбициозно спојува класична аркадна акција со длабоки и непредвидливи roguelite механики.

Сместена во уникатниот фантазиски свет Талам, играта нè фрла во срцето на бунтот против тирански режим, нудејќи искуство кое е носталгично и иновативно, но и предизвикувачко.

Приказната на Absolum е изградена врз темелите на свет кој страда од последиците на сопствената магиска моќ. Талам е земја потресена од магичен катаклизам, предизвикан од неконтролираната амбиција на моќни волшебници. Овој настан предизвикал длабок страв и недоверба кон магијата кај обичниот народ. Ваквата ситуација ја користи кралот Азра за да воспостави апсолутна контрола. Преку неговиот брутален Crimson Order, тој ги поробил преостанатите волшебници и поставил лојални принцови да владеат со освоените територии, задушувајќи секаков отпор. Но, додека неговите сили незапирливо се шират, од сенките се појавува мала група бунтовници предводена од волшебничка Учави. Користејќи забранета магија, овие отфрлени херои, под ваше водство, се разбира, се единствената надеж за враќање на слободата и магијата во рацете на народот.

Секој од четирите уникатни херои кои ги контролирате се одликува со специфичен стил на борба, но и мотивација. Галандра, на пример, е незапирлива природна сила, со меч кој нанесува разорни удари со смртоносна прецизност и некромантски моќи можат да ги замрзнат и уништат непријателите. Карл, пак, е вооружен со древна кубура и се поставува како мајстор за борба одблиску и експлозивни тактики. Со понатамошно напредување низ кампањата, ќе можете да заиграте и со генијалниот волшебник Бром, како и со мистериозниот Сајдер – агилен борец кој бара одговори за сопственото минато. Како што можете и самите да извлечете заклучок, ликовите не се разликуваат само по нивниот изглед и способности, туку по нивната длабоко минато кое крие комплексни наративни слоеви.

Како beat ‘em up, Absolum е усовршена до перфекција и се одликува со брза и флуидна борба која бара брзи рефлекси и размислување. Имено, можете да изведувате долги комбинации, да користите специјални магии, како и стратешки да ги избегнувате нападите на непријателите. Згора на ова, имате детално разработени roguelite елементи каде патеките кои ги истражувате, непријателите со кои се соочувате и предметите и надградбите кои ги наоѓате се случајно генерирани.

Овој спој на жанрови создава зависен циклус на играње каде, независно од тоа што ќе направите, независно од тоа дали ќе успеете или не, сепак имате причина да продолжите со понатамошно играње и со навлегување во нови ранови. Тимот на Guard Crush Games и Supamonks имаат воведено комплексни и забавни механики за да понудат едно преубаво и крајно забавно искуство на кое ќе сакате почесто да се навраќате.

Студиото Supamonks испорачува стил кој потсетува на најдобрите рачно цртани анимирани филмови. Анимациите на ликовите се неверојатно флуидни и полни со карактер, додека уникатните околини се богати со впечатливи детали. Ова визуелно мајсторство е надополнето со епска музичка подлога која е дело на некои од најголемите имиња во индустријата. Имено, главниот композитор Герет Кокер (Ori, Halo Infinite) создава величествени и емотивни мелодии, додека соработките со Јука Китамура (Dark Souls, Elden Ring) и Мик Гордон (Doom Eternal) додаваат слоеви на мрачна фантазија и адреналинска, индустриска тежина во најинтензивните моменти.

Наспроти што би можеле првично да помислите, Absolum не е само игра за еден играч, туку нуди можност за здружување со пријател, било локално на ист екран или онлајн. Иако бевме презадоволни од соло искуството, мора да истакнеме дека играта апсолутно сјае кога се игра во ко-оп. Комбинирањето на различните елементарни моќи на хероите и синхронизирањето на нападите за создавање на разорни тимски комбинации е исклучително забавно.

Она што е особено за пофалба е вклучувањето на split assist mode, опција која ви овозможува да ја приспособите тежината индивидуално, давајќи на некој играч повеќе сила или отпорност на штета. Ова е фантастична карактеристика што ја прави играта достапна за сите, без разлика на нивото на вештина, и е совршена за играње со деца или пријатели кои се помалку искусни гејмери. Со огромен број на вештини за отклучување, различни типови на босови и солидни опции за прилагодување, Absolum навистина нуди комплетен и исполиран пакет на интерактивна забава.

На крајот на денот, Absolum е олицетворение на една перфектната изведба и брилијантна синтеза на два скроз различни жанрови. Играта го зема текот од класичните аркадни тепачки и го комбинира со стратешката длабочина која произлегува од модерните roguelite наслови. Светот на Талам е интригантен, ликовите се харизматични, а аудиовизуелната презентација е прва лига. Без разлика дали ќе го победите Азра во првиот обид или по педесеттиот, патувањето дотаму е исполнето со возбуда, предизвик и чисто гејмерско задоволство. Нема да бидеме изненадени доколку Absolum почне да се користи како пример кој го почитува минатото и храбро чекори кон иднината на својот меѓу-жанр. Апсолутно и задолжително искуство за секој љубител на акциони игри со roguelite примеси.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments