3во1: Zombie Rollerz: The Last Ship, Bouncemasters и Squidly’s Revenge

во гејминг

Zombie Rollerz: The Last Ship: Три-во-едно игра

Zombie Rollerz: The Last Ship претставува уникатен хибрид кој вешто комбинира елементи од неколку популарни жанрови:

  • одбрана со кули
  • roguelite и
  • преживување во свет преплавен со зомбија.

Играта на Zing Games Inc. и 紫英互娱 ве става во улога на командант на последниот брод, кој е воедно и подвижна тврдина, со задача да го одбраните од непрекинати бранови на живи мртовци. Она што ќе најдете тука е прекрасна и незаборавна забава полна со непредвидливи и впечатливи моменти.

Одбрана на тркала

Наместо еднолично движење на статична мапа, вашата база е постојано во движење, додавајќи ново ниво на динамика и стратегија. Вашата задача е паметно да управувате со ресурси кои ги собирате за да конструирате и надградувате различни одбранбени кули. Секоја кула има свои патеки за надградба, овозможувајќи создавање на моќни комбинации и синергии за ефикасно уништување на ордите. Покрај кулите, неопходно е да го надградувате и самиот брод, како и да управувате со екипажот.

Секој член поседува уникатни вештини, па нивното правилно распоредување е од витално значење за преживување. Визуелно, играта се одликува со стилизирана и колоритна графика која го ублажува мрачниот тон на зомби апокалипсата и ја прави акцијата попрегледна и позабавна. Звучните ефекти се задоволувачки, особено кога ќе се почувствува максималната моќ на вашите кули и ефикасното уништување непријателите. Сево ова е надополнето со енергична музичка подлога која мајсторски го диктира темпото.

Она што ја издвојува Zombie Rollerz: The Last Ship од другите игри во жанрот е нејзината успешна фузија на навидум неспоиви концепти. Играта не се потпира само на брзи рефлекси, туку бара длабоко тактичко размислување при секоја одлука – од изборот на надградба до позиционирањето на членовите на екипажот. Роуглајт елементот, со откривање на моќни артефакти и постојано менување на условите, нуди огромна вредност за повторно играње, бидејќи, нели, секое ново патување е свежо и непредвидливо. Играта ве тера постојано да ја адаптирате вашата стратегија и да експериментирате со нови комбинации на кули и артефакти. Токму оваа комбинација на постојано откривање нови стратегии и динамична акција ја прави играта задолжително искуство за љубителите на стратешки и роуглајт игри кои бараат нешто свежо и предизвикувачко.


Bouncemasters: Ретроспектива на аркадната забава

Инспириран од класичните веб-игри како YetiSports, Bouncemasters е мобилна аркадна игра која го оживува едноставниот, но зависен концепт на лансирање објекти колку што е можно подалеку. Во овој случај, вие ја преземате улога на поларна мечка вооружена со палка, чија цел е да го испрати својот пријател пингвин на епско патување низ разновидни и шарени предели.

Со прецизно кликнување, го удирате пингвинот во лет. Почетната сила и аголот на ударот се клучни, но вистинската вештина лежи во управувањето со летот. Со дополнителни кликови, пингвинот може да се одбива од различни елементи во околината, како што се фоки, печурки или китови, за да ја задржи брзината и да го продолжи патувањето. Играта вклучува и систем за надградба кој овозможува подобрување на силата на ударот, брзината на летот и ефикасноста на одбивањето. Покрај тоа, постои широк спектар на палки – од тави за пржење до мини верзија на ајфеловата кула

Bouncemasters се одликува со цртан стил и живи, заситени бои кои создаваат весела и разиграна атмосфера. Анимациите се течни и комични, особено кога пингвинот наидува на пречки како дрвја или пирани, што го прави секој неуспешен обид забавен. Звучниот дизајн го надополнува визуелниот аспект со оптимистичка музика и задоволувачки звучни ефекти кои го придружуваат секој удар и одбивање, придонесувајќи за целокупното аркадно искуство.

Bouncemasters е бесплатна игра која ќе знае како да ве забави доколку сакате едноставни наслови за краткотрајна забава. Играта е дизајнирана околу принципот на „уште еден обид“, каде што секоја сесија е кратка, но желбата за подобрување на сопствениот рекорд е постојано присутна. Физички базираната механика внесува елемент на непредвидливост, правејќи секој лет уникатен, додека системот за прогресија нуди јасна цел и чувство на напредок. Оваа комбинација на пристапност, вештина, хумор и постојана можност за подобрување ја прави Bouncemasters идеална игра за секој што бара брза и задоволувачка доза на аркадна забава.

Squidly’s Revenge: Хаотична одмазда во длабочините

Третата игра сеуште не е излезена, но успеавме да ја провериме предвреме. Се работи за брза roguelike акција сместена во подводниот свет. Таму, вие ја преземате улогата на мала сипа и, со божествени моќи, тргнувате во мисија на одмазда против мрачен култ. Вашата задача е да преживувате бранови и бранови од непријатели во roguelikе дизајн, со рандомизираните нивоа и противници. За разлика од бројните слични игри, овде интересна е способноста да се користат оружјата што ги оставаат поразените непријатели, барајќи од вас постојано да го прилагодувате вашиот стил на борба.

Визуелниот стил на играта се карактеризира со цртана естетика која разиграно ја надополнува хаотичната акција. Живописните бои и комичните анимации создаваат динамична атмосфера која е истовремено и привлечна и функционална, овозможувајќи јасна прегледност и покрај брзото темпо.

Squidly’s Revenge се одликува со забавна roguelike природа каде, како што кажавме, системот за преземање на непријателски оружја внесува висок степен на непредвидливост и ја наградува импровизацијата. Дополнително, можноста за отклучување на забавни трајни надградби помеѓу обидите го ублажува чувството на фрустрација и нуди јасно чувство на напредок. Ова, во комбинација со модификаторите кои овозможуваат прилагодување на тежината и наградите, нуди повеќекратно искуство кое навистина не е лошо кога се конзумира во мали дози.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments