Од студиото на изометриската акциона RPG авантура Batora: Lost Haven ни доаѓа значително поразлична игра. A Quiet Place: The Road Ahead е survival horror игра со елементи на прикрадување и на walking simulator. Но, иако играта почнува силно и има многу интересни изведби, приказната не успева целосно да го држи нашето неподелено внимание, а и до крајот на играта дојдовме побргу отколку што би сакале. Ова никако не значи дека A Quiet Place: The Road Ahead е лоша игра, но лесно би можеле да помислите дека нејзините потенцијали не се целосно искористени.
Тишина злато живот вреди
Исклучително е важно да внимавате каде одите и каква врева правите во A Quiet Place. Во зависност од тоа што би можеле да нагазите, дали трева, поток со вода, стакло, лисја, метал или ѓубре, ќе произведете различно ниво на гласност, со што би можеле да ги алармирате суштествата околу вас. Па така, кога ќе наидете на проблематичен извор на гласност, се препорачува или да го заобиколите или, доколку немате избор, да поминете низ него полека и во клекната положба. Вревата може и да ви помогне. Во ситуации кога паѓа дожд или пак сте во близина на водопад, можете поопуштено да се движите затоа што добар дел од вашите звуци се прикриени.
Уште на самиот почеток од играта, не можевме да бидеме рамнодушни на преубавата графика. Преку мазохистичка посвета на детали, авторите се имаат потрудено да ви понудат исклучително реалистичен свет полн со најразлични можности за истражување. Со задоволство ги истражувавме бројните места, барајќи најразлични писма и пораки кои даваат увид во тоа каков бил светот пред, за време или по доминацијата на суштествата. Често ќе биде потребно да се качите или спуштите од нешто, или пак да се провлечете низ клаустофобично тесен простор, со што стравот од непознатото станува уште поголем, особено кога музичките ефекти предаторски ќе се прикрадат.
Кога сме кај ужас во најчиста форма, никогаш во ниедна игра не нѐ е било толку страв да отвориме отклучиме или отвориме врата, да одшрафиме нешто или пак да отвориме фиока. Во A Quiet Place, мини авантура е полека да ја влечете вратата, да застанувате секој пат кога ќе крцне нешто, да броите до три, па потоа да влечете повторно. Не помага ни отсечното дишење или кратките коментари на ликот со кој управувате. Понекогаш, може да се случи да не знаете на каде да одите. Со цел да не бидете исфрустрирани од константното вртење во кругови, играта се одликува со солиден систем за хинтови и лесно ве наведува кон вашиот нареден правец на движење или предметот на вашиот интерес.
Како што напомевавме, во одредени ситуации ќе биде потребно и да најдете клуч, шрафцигер или некој друг предмет кој е клучен за отворање одреден премин. Башка, девојката има астма и е принудена бара и користи инхалатори. За среќа, на располагање имате корисна алатка која ја мери гласноста и ви помага соодветно да реагирате на околината околу вас. Одредени мали нелогичности ни пречеа околу тоа како е реализирана астмата на Алекс, користењето на батериската лампа и апаратот за мерење врева, но, ајде, игра е и нема да мислиме многу за тоа како инхалаторите кои ги има насекаде се за еднократна употреба, а батеријата се празни, а апаратот за мерење врева работи совршено. Кажевме нема да мислиме на тоа, и, еве, нема.
Иако разбираме дека ова се суштества кои имаат исклучително истенчено сетило за слух, посакувавме играта малку повеќе да простува во ситуации на минимално генерирањето врева. Во некои ситуации чувствувавме дека нефер бевме ликвидирани. Ова највеќе ни пречи кога во едни ситуации играта намерно ни дозволува навреме да реагираме и да извлечеме жива глава, а, во други, инстантно не казнува, оставајќи впечаток на фрустрирачка недоследност.
Доколку сте фанови на истоимените филмови, или пак на Alien: Isolation, A Quiet Place: The Road Ahead би можела да биде интересна занимација, особено сeга кога ни се заканува Ноќтта на Вештерките. Преубавиот разрушен свет, бројните пораки и спорото напредување знаат како да пружат несекојдневна забава, особено доколку решите да го поврзете вашиот микрофон и да дозволите суштествата да реагираат и на звуците кои вие ги правите во вашата соба. Во таквите ситуации, мавајте се од дома и телефонот на нечујно. :)
Повеќе детали за играта
- Произведува: Stormind Games
- Издава: Saber Interactive
- Жанр: survival хорор
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 17 октомври 2024