Македонските развивачи на видеоигри во изминативе неколку години поминуваат низ интересен развој. Бројот на издадени игри расте, а често има најави и за нови игри. Минатата година на Game Dev Rev 25 конференција имаше над 300 посетители, 35 меѓународни говорници од сите континенти и содржини од светски ранг. Годинава организаторите и Асоцијацијата на македонската индустрија за видео игри (МГИ) донесоа интересна одлука: фокусот целосно го префрлаат на самите игри и нивните креатори.
На 21 и 22 ноември 2026 година во City Mall, Скопје ќе се одржи GDR26 EXPO. Ова е спиноф издание и е осмислено како интерактивен „showcase“ за домашните студија, независните тимови и соло девелоперите. Во време кога глобалната гејминг индустрија се соочува со сериозни превирања и турбуленции, МГИ одлучи да го промени форматот и на публиката да и ги даде контролерите во рацете, заедно со простор за вмрежување на креаторите. Без разлика дали станува збор за целосно завршени наслови, рани демо верзии, „vertical slice“ сегменти или амбициозни прототипи, целта на GDR26 EXPO е едноставна: да се покаже колку всушност се создава кај нас.
За причините зад оваа промена, поддршката од АИ-алатките во кодирањето, предизвиците со системската (не)поддршка од државата и важниот повик до сите локални девелопери, разговараме со Гораст Цветковски.

Годинава правите промена од класичната конференција со keynotes и панели кон EXPO/Showcase формат. Имаме ли доволно игри за овој формат?
Игри има и повеќе отколку што ќе може да не собере. Од ланската конференција се виде дека колку и да се има простор одвоен за изложба на игри, секогаш е недоволно за да ги собере сите студија, соло девелопери и таленти од Македонија. Особено со напреднатите AI алатки и cuck кодирањето, многу идеи кои биле само на хартија, сега може да се префрлат и на екранот. Лани доста од студијата не успеаа да дојдат, дополнително се започнаа и завршија доста игри и проекти па така оваа година очекувам да има изложувачи во голем број.
Според најавата конференцијата и експото ќе ротираат на две години. Дали причината е да не се презасити екосистемот или да им се даде простор на девелоперите?
Минатата година на Game Dev Rev 25, донесовме светски премиум спикери и работници во гејм дев секторот. Дојдоа од сите континенти (буквално) со цел да и дадат поддршка на МГИ во работата за подобрување и зголемување на оваа гранка во Македонија. Настанот беше посетен од преку 300 посетители, 35 спикери и панелисти, две сцени, изложба на Инди игри, Офф сцена за отворени дискусии и прашања со спикерите, место за B2B комуникација и колаборација… сума сумарум, прописна, како што треба конференција од светски ранг, но на македонско тло.
Во моментов светската, а со тоа и македонската, гејминг индустрија поминува низ вратоломии и оценив дека конференција во ваков скејл е… оверскејл, односно во моментов толкав настан не може да се восприеми доволно за да биде исплатлив целиот труд и кредити кои се трошат на спикери, компании, итн… Истото се случи во регионот. Бугарија не ја повторни нивната конференција во Варна, Црна Гора ја откажа Монте Гамес, во Хрватска умре една од најдобрите и најстарите конференции Ребут Гејмер, во Србија конференцијата се ребрендира (спаси) со влегување на DevGam како партнер. Сиве овие пазари се поголеми од нашиот, а не успеваат да одржат конференција за гејминг. Тоа покажува дека треба многу ресурси, труд и прожртвуваност за да се одржува ваков тип на ниш конференција. Многу од финансиски силните држави кои имаат сериозно развиен гејм дев сектор, немаат големи конференции, туку помали митапи.
Па така одлучивме наместо да пукаме мува со базука, да направиме спиноф на GDR и оваа година да се посветиме строго на македонските игри и студија.
Настанот е отворен за сè, од прототипи до веќе објавени наслови. Има ли простор и за соло девелопери кои за првпат покажуваат нешто јавно?
Од лани излегоа неколку завршени проекти кои веќе се играат. Се работат неколку исто така големи наслови кои се надевам ќе стигнат да се покажат. Се појавија многу соло девелопери кои благодарение на алатките достапни во моментот успеаа да го забрзаат процесот во своите игри и да стигнат до демо или бета верзија многу побрзо од планираното. Секако, игрите ќе мора да бидат курирани и избрани според квалитетот и начинот на изработка.
Една од главните цели е запознавање и потенцијална соработка меѓу локалните девелопери. Колку македонската заедница соработува и што може да се направи за таа соработка да биде подобра?
Кај нас има неколку жешки точки каде се разменува креативност и идеи и се случува соработка. Едната е Global Game Jam Skopje, во последниот викенд од секој јануари. Тоа е 48 часовен маратон во правење игри кој го организира Асоцијацијата на македонската индустрија за видео игри – МГИ Скопје, каде се собираат и до 100 креатори на игри. Убавината е што секоја година барем 50% се нови, млади, луѓе кои сакаат својата креативност, а можеби и животно определување да ги продолжат во индустријата за развивање на видео игри. Втората е Discord серверот на MGI. Секој може да пристапи преку invite линкот https://discord.gg/XEynjNAuN4 кој го има и на веб страната www.mgi.mk каде секојдневно луѓе ги споделуваат своите идеи, бараат соработници, нудат работа и соработуваат. Тука се објавуваат информации околу настани поврзани со гејм дев, можности за обуки и едукација како и семинари и посети на странски случувања. Со други зборови one stop shop за гејминг индустријата во Македонија.

Кои се најголемите системски или инфраструктурни предизвици со кои се соочуваат домашните студија денес? Како може државата да помогне?
Државата во моментов не ја гледа оваа гранка… да не речам не постои. Освен глобалниот државен конкурс од Министерство за култура, кој нема директна поддршка за гејмингот, туку темата некогаш може да се поклопи, нема никакви други субвенции или стимулации на овој сектор, за да дојдат странски компании тука, да се отворат наши студија и паблишери… Од време на време има грантови и програми кои може, но не мора, да се поклопат со развивањето на игри, и од прилика тоа е.
Мојата, а всушност главната мисија на МГИ е креирање државна стратегија за овој сектор, стимулација на млади луѓе да се образуваат и работат во оваа многу доходовна гранка, праќање на македонска делегација на големите саеми и конференции за развивање на игри и ултимативно креирање фонд за поддршка на мали студија и проекти. Има многу работа, но треба да се истрчка и изгази прописно.
Има уште малку време за исполирање на демоата до 21 ноември. Што би им порачал на оние кои се двоумат дали нивниот проект е „доволно подготвен“ за да го пријават и покажат на GDR26 EXPO?
Доколку немаа игриво демо, да „сплескаат“ еден верткал слајс на одреден сегмент од играта кој може да се игра и нека дојдат со тоа.
Поважно е да се запознаат со другите девелопери, да се зголеми бројката на присутни игри, да ја покажат својата идеја на гостите професионалци кои ќе бидат поканети на настанот и најважно е да добие сугестии и критики од живи луѓе, што во моментов е најтешко да се постигне.
Пријавите за учество на GDR26 EXPO се отворени, и може да се приклучите со пополнување на следната форма.
Дискусија
Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...