0 коментари 7 мин. читање 16 јуни, 2025

Lost in Random: The Eternal Die: храбар спин-оф на изворната игра од 2021

Светот на Рандом, познат по својата мрачна бајковита естетика и уникатни механики, се враќа со ново поглавје насловено Lost in Random: The Eternal Die. Овој самостоен спин-оф прави драстичен пресврт во жанрот, заменувајќи ја наративната авантура на оригиналот со брза и динамична roguelite акција. Како огромни фанови на изворната игра, со нетрпение чекавме да навлеземе во познатиот свет на малку поразличен начин. Од она што го видовме, авторите направиле одлична работа со спин-офот, особено доколку сте фанови на поразличната перспектива и гејмплеј механики.

Развиен од Stormteller Games (поранешно Thunderful Gothenburg) и издаден од Thunderful Publishing, насловот е достапен за PC, PlayStation 5, Xbox Series X/S и Nintendo Switch.

Наместо да ја продолжат приказната на Ивен, The Eternal Die храбро ја става во центарот на вниманието поранешната антагонистка, Кралицата Александра. Придружена од нејзината верна коцка Fortune, кралицата се бори за одмазда и искупување во кошмарно царство. Оваа промена на протагонистот не е само наративен избор, туку и основа за промената на гејмплејот. Имено, додека Ивен беше почетничка, Александра е искусен борец, овозможувајќи им на развивачите да создадат далеку побрза, покомплексна и хаотична борбена механика.

Lost in Random: The Eternal Die се одликува со брза борба, вешто комбинирајќи акција во реално време со тактичко донесување одлуки. Споредено со оригиналната игра, ќе наидете на значително побрза и попредизвикувачка игра, нудејќи задоволително борбено искуство кое е и подинамично и похаотично. Централен елемент на играта е уникатната механика на фрлање на коцката Fortune, која има потенцијал да го промени текот на битките на неочекувани начини, нудејќи најразлични предности од офанзивни и дефанзивни карактери. На располагање имате арсенал од четири уникатни оружја. Секое оружје има карактеристичен стил на игра и се одликува со посебни категории за надградби. Дополнително, постојат над 100 елементарни реликвии и 15 моќни способности базирани на карти, кои нудат обемни опции за прилагодување на стилот на игра. Реликвиите се клучни за зајакнување за време на секој ран низ царствата на црната коцка, овозможувајќи создавање синергии преку совпаѓање на бои и ефекти.

Како roguelite наслов, смртта во The Eternal Die не е конечна, туку само можност да се навратите во вашиот центар на операции, да отклучите ново оружје, да купите моќни надградби и да поразговарате со сојузниците, подготвувајќи се за следната рунда. Оваа прогресија, заедно со прилагодливите поставки за тежина и случајно генерираните средби, значително придонесува за високата повторливост на играта. Системот за надградби и отклучување на функции е исклучително добар и паметно го поставува патот за едно долго, впечатливо и секогаш променливо патување.  

Една работа со која играта се истакнува од морето слични игри како Hades, е уникатната механика на фрлање коцка која ги менува битките на неочекувани начини, нешто што е поврзано со константно преземање ризици за да се види дали среќата ќе ви се насмее или намурти. Арно ама, оваа механика не е толку интересна како што првично остава впечаток и често нема ни да сакате да се замарате со фрлањето на коцката која потоа треба да ја земете од местото каде што сте ја фрлиле, само за да го направите истото, надевајќи се на одредени случајни, но релативно незначајни бенефити. Но, мило ни е што ја има затоа што, во комбинација на привремените способности што ги отклучувате при секој ран, знае да понуди поразлично искуство во зависност од тоа дали ја фрлате коцката или си ја носите со себе. Од друга страна, системот на реликвии и синергии е за пофалба и нуди уникатна длабочината која, одново потенцираме, произлегува повеќе од градењето на карактерот отколку исклучиво од фрлањата на коцката.  

Втората исклучително добра работа е визуелниот идентитет кој црпе инспирација од препознатливиот Burtonesque стил. Овој стил не само што е задржан, туку и е унапреден, со прекрасна музика и рачно изработени борбени арени кои обезбедуваат квалитет и баланс и покрај тоа што целиот свет се заснова на рандомни генерации. Како резултат, добивате уникатна, но препознатлива готска атмосфера која е како лепило кое мајсторски ги поврзува двата наслови, дури и покрај драстичната разлика во жанрот. Би сакале така да е и за приказната која, се чини дека е фрлена во втор план и, освен неколку кратки дијалози, нема да ве импресионира. Често пати, тоа што се зборува и нема да ви е јасно, особено доколку не сте ја одиграле првата игра. Од една страна фали контекст, а, од друга, се чувствувате како да се пропуштила одлична можност за подлабока приказна во еден веќе изграден свет.

На крајот на краиштата, Lost in Random: The Eternal Die е успешен жанровски експеримент и се наметнува како одличен избор за љубителите на акциони roguelite игри кои бараат предизвик, длабока кастомизација и уникатна атмосфера. Системот на оружја и реликвии нуди речиси бескрајни можности за создавање уникатни стилови на игра. Благодарение на ова, секој нареден ран е поразличен од претходниот, нудејќи игра со солидни и забавни механики како и извонредни можности за впечатливи битки во еден визуелно впечатлив свет.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Stormteller Games
  • ИздаваThunderful Publishing
  • Жанр: Roguelike
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезена на: 5 јуни 2025
Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top