Историја на Forza Horizon игрите, дел 1: Од Колорадо па сѐ до Јужна Европа!

Да се каже дека серијалот Forza Horizon е само уште една тркачка игра за нас би било огромно потценување. Нашата поврзаност со оваа франшиза трае со години, а уживањето во секое ново издание, неговите содржини, механики и визуелни унапредувања е континуирано и длабоко. Иако Forza Horizon 4 и Forza Horizon 5 можеби се на врвот на нашите искуства, претходните наслови ни приредија не помалку незаборавни и импресивни моменти. Со цел да ја проследиме фасцинантната еволуција на овој култен серијал, се навраќаме на неговите корени и разгледуваме како секоја игра го обликуваше пејзажот на гејмерската индустрија.

Forza Horizon започна како спин-оф од симулаторот Forza Motorsport. Но, за разлика од строгиот фокус на Motorsport на прецизни трки по затворени патеки, Horizon имаше амбиција да ги рашири крилјата многу подалеку. Серијалот веднаш ја прифати културата не само околу автомобилите, туку и музиката, храбро истражувајќи ја идејата за огромен отворен свет, полн со можности и возбуда, концепт кој веднаш одекна кај милиони играчи ширум светот.

Зошто се популарни Forza Horizon игрите?

Каде лежи тајната на огромната популарност на Forza Horizon? Во нивната способност да ги освојат срцата дури и на оние кои не се традиционални љубители на тркачките игри. Серијалот вешто комбинира физика на возење која е истовремено пристапна за почетници, но и доволно длабока за да ги задоволи ветераните, со пространи и визуелно зачудувачки отворени светови кои едноставно повикуваат на истражување. Овие темелни елементи се беспрекорно вклопени во енергичната атмосфера на фиктивниот Horizon Festival. Кампањата брилијантно балансира помеѓу реалистичните тркачки предизвици и чистата, нескриена аркадна забава.

Forza Horizon (2012): Раѓањето на фестивалот

Првиот чекор на ова патување беше Forza Horizon, лансиранa на 23 октомври 2012 година, ексклузивно за тогашната Xbox 360 конзола. Развиенa од Playground Games во тесна врска со генијалните умови зад Motorsport, Turn 10 Studios, играта го постави дејството во шареноликата околина на Колорадо, САД. Ова овозможи создавање на мапа која нудеше разновидни терени за тркање – од извиени планински патишта до сурови карпести предели – за чија веродостојна рекреација развојниот тим посвети многу време на истражување на локациите.

Најголемата сила на првата Forza Horizon беше нејзиниот концепт на отворен свет, кој им даде на играчите невидена слобода да го истражуваат Колорадо зад воланот. Играта внесе возбуда со уникатни трки против невообичаени противници како авиони, хеликоптери и балони на топол воздух, како и систем за наградување на вештини како дрифтање, скокови и прецизно минување покрај сообраќајот.

Можностите за визуелно и перформансно прилагодување на автомобилите беа обемни. Онлајн режимите беа исто толку забавни, со посебен акцент на “playground” типовите како Infected, King и Cat and Mouse, често сместени на креативни локации како голф терени или напуштени складишта. Играта доби и неколку проширувања, при што најзначајна беше Rally Expansion Pack, додавајќи нови возила и рели настани. Критичарите универзално ја пофалија Forza Horizon за нејзиниот револуционерен отворен свет, извонредната атмосфера, импресивните визуелни ефекти и свежиот пристап кон жанрот преку фестивалот.

Forza Horizon 2 (2014): Преселба во Европа

Две години подоцна, на 30 септември 2014 година, фестивалот се пресели на сончевите брегови на Јужна Европа со Forza Horizon 2. Играчите беа поканети да ги истражуваат живописните патишта и градови на Јужна Франција и Северна Италија.

Важно е да се напомене дека искуството варираше значително меѓу верзиите за Xbox One и Xbox 360. Верзијата за Xbox One, дело на Playground Games, го користеше напредниот графички енџин од Forza Motorsport 5, додека изданието за Xbox 360, развиено од Sumo Digital, се базираше на технологијата од првата Horizon. Ова значеше дека постарата конзола ги немаше клучните новитети како целосно динамичното време и иновативниот Drivatar систем.

Сепак, мапата во FH2 беше драстично проширена, достигнувајќи површина до трипати поголема од онаа на Колорадо. Динамичниот систем за време и циклусот ден/ноќ беа особено импресивни, не само визуелно, туку и механички – дождот и бурите значително го отежнуваа возењето со намалено триење и видливост. Drivatar, преземен од FM5, претставуваше скок напред со замена на статичните AI противници со виртуелни копии на стиловите на возење на реални играчи, што внесе неверојатна динамика во трките. Новите функции вклучуваа и предизвици “Bucket Lists”, социјални центри “Car Meets”, гласовниот асистент ANNA и побогат систем за вештини и бонуси.

Forza Horizon 2 беше збогатена со неколку вредни експанзии. Storm Island донесе брутални временски услови и над 90 нови настани на нова мапа. Porsche Expansion ја збогати колекцијата со 10 култни модели. Forza Horizon 2 Presents Fast & Furious беше самостоен додаток инспириран од филмот “Furious 7”.

Приемот на играта беше исклучително позитивна, со широки пофалби за визуелната изведба, огромниот и живописен отворен свет, револуционерното динамично време, унапредената физика и беспрекорната онлајн интеграција. Многу рецензенти без двоумење ја нарекоа најдобрата тркачка игра со отворен свет достапна во тоа време.

Се надеваме дека ви се допадна првиот преглед. За продолжетокот на овој мини серијал, останете со it.mk!

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk