Jagex Ltd., студиото познато по долгогодишните MMORPG хитови RuneScape и Old School RuneScape, запливува во непознати води со RuneScape: Dragonwilds, задржувајќи го богатиот универзум на Gielinor, но трансформирајќи го искуството во отворен свет, со фокус на преживување. Играчите се пренесени на континентот Ашенфал, земја одамна заборавена и сега разурната од будењето на древните змејови и дивата магија наречена Anima. Во овој опасен свет, играчите – сами или во групи до четворица – мораат да собираат ресурси, да градат засолништа, да совладаат нови вештини и да се соочат со колосалните закани кои демнат на секој чекор.

Познато преживување
Како што напоменавме, Dragonwilds е сместена на претходно неистражениот Ашенфал. Ова не се вашите познати предели на Gielinor, туку уништен пејзаж проткаен со неконтролирана магија која ги трансформира и околината и нејзините жители. Од шумски предели и мочуришта до распукани рамнини, светот ви дозволува да истражувате низ урнатини, преку замоци, па се до змејски трезори. Иако има врски со постоечкиот лор на RuneScape – преку адаптирани вештини и преобразени познати суштества – Ашенфал претставува свежо, уникатно и смртоносно опкружување. Освен мутирани верзии на познати непријатели, играчите ќе се соочат и со нови, импозантни суштества како Гарoу, наидувајќи на значително поголем предизвик.

RuneScape: Dragonwilds се фокусира на прежувување. Поради тоа, мора постојано да собирате суровини од околината – дрва, камења, руди, животински производи и да креирате алатки, оружја, оклопи и други основни предмети. Поразбирливо, за создавање на сите овие работи користите различни работни станици, како што се Crafting Table, Campfire или Smithing Anvil. Градењето бази е витален дел, обезбедувајќи заштита од елементите и непријателите, простор за складирање и место за одново појавување доколку бидете убиени. Системот за градење, со својата флексибилност и опции за прилагодување, е едно од најдобрите елементи во играта, често споредуван со најдобрите имплементации во жанрот. Сепак, во оваа фаза на ран пристап, функционалната одбрана на овие бази е исклучително слаба страна и не се никаков предизвик за нападите од змејовите и од непријателските заседи.

Како што кажавме, споредено со ММО алтернативите, Dragonwilds е целосно поразлично животно. Борбата во Dragonwilds се оддалечува од традиционалниот систем базиран на кликови на RuneScape и се префрла кон акционо-ориентиран пристап во реално време. За време на борбите, можете да користите ладно, стрелачко или магично оружје, со можност за блокирање, парирање и избегнување. Централен механизам е системот на издржливост (стамина), кој може да биде прилично казнувачки и бара внимателно балансирање. Системот со битките навистина не е лош, но разбираме дека нема на сите да им се допаднат истите, груби анимации и недостатокот на малку поголем предизвик и разновидност. Освен стандардните непријатели, играта нуди и значајни борби со босови. Овие битки никако не се прошетка во парк, барајќи стратешка подготовка и надградена опрема. Напредокот во играта се базира на класичните RuneScape вештини, истражување преку потраги кои водат низ нови региони и материјали, и постојано надградување на опремата низ различни нивоа.

Можеби најзначајниот елемент што ја издвојува Dragonwilds е употребата на магијата Anima. Оваа дива енергија не само што го обликува светот на Ашенфал, туку играчите можат да научат да ја искористат за лични цели. Во моментов, голем дел од Anima способностите се фокусирани на подобрување на ефикасноста и олеснување на задачите, како што се магични кратенки за собирање ресурси или вештини за движење и истражување. Овој систем е директно поврзан со вештината Runecrafting, каде што собирате и обработувате руни за да фрлате различни магии. Имплементацијата на Anima магијата, особено нејзината употреба за намалување на „грајнд“ аспектот на собирањето ресурси, е интригантна и нуди ветување за уникатно искуство.
RuneScape: Dragonwilds влезе во фазата на ран пристап на Steam на 15 април 2025 година, понудувајќи прилично ограничувачка игра со почетни региони, системи за преживување, креирање, градење и борба, како само еден бос. Jagex ја нагласува посветеността на развојот базиран на повратните информации од заедницата, со план за редовни бесплатни ажурирања кои ќе додаваат нова содржина (вештини, региони, непријатели, потраги) пред целосното излегување, планирано за почетокот на 2026 година. За играта не е искучена можноста за потенцијални идни платени DLC-а, како и можност постабилна идна верзија да се најде и на конзолите.

Во моментов, RuneScape: Dragonwilds покажува голем потенцијал со својот амбициозен спој на познатото RuneScape искуство и ангажирачкиот циклус на преживување. Силниот систем за градење и интригантната Anima магија поставуваат добра основа. Сепак, како што е типично за раниот пристап, постојат области кои бараат значително подобрување, особено борбата, системот на стамина и решавањето на проблемите со одбраната на базите од непредвидливите закани. Знаејќи ги Jagex, сигурни сме дека ефикасноно ќе ги совладаат сите овие пречки, решително ќе го доработат основното искуство и навремено ќе испорачаат квалитетна содржина, претворајќи го Dragonwilds од ветувачки проект во комплетна авантура за преживување.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Jagex Ltd
- Издава: Jagex Ltd
- Жанр: survival
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 15 април 2025







