Зошто да ја играте?
- Фанови сте на Like a Dragon серијалот и пиратскиот живот
- Забавни механики поврзани со борба на земја и море
- Впечатлива приказна бројна со незаборавни моменти

Like a Dragon е долго-годишен и феноменален серијал кој нуди уникатно искуство во светот на видео игрите. Развивани од талентираните луѓе од Ryu Ga Gotoku студиото, игрите се познати по мешавината од драматично раскажување приказни, необични споредни мисии и висцерална борба. Спин-офовите отсекогаш се засновале на експериментални гејмплеј механики, детално навлегување во некои споредни мисии или истражување на алтернативни временски линии поврзани со главните игри.
Поради ова, Like a Dragon е многу повеќе од серијал кој ги соржи само главните игри. Спин-офовите се составен дел од нејзиниот успех, обезбедувајќи разновидни и привлечни искуства кои го прошируваат светот, истражуваат нови теми и ја одржуваат франшизата свежа и возбудлива. Без разлика дали сте искусен ветеран или новодојденец во серијата, спин-офовите се одлична отскочна даска. Од неодамна, ја добивме можноста да го провериме најновиот спин-оф кој, овојпат, храбро запливува во пиратските води и ни дава детален увид во еден од наинтересните ликови – Маџима.

Негување пиратски амбиции
Во Like a Dragon: Pirate Yakuza in Hawaii, ја започнувате играта со Маџима. Херојот се буди на непознато, релативно запуштено место, немајќи никакви сеќавања за неговиот претходен живот. Сѐ што знае е дека некаде во близината има камп со Јакуза воини и дека, можеби, тие би знаеле нешто повеќе за неговото минато.
Приказната е полна со неочекувани пресврти кои се препознатливи за Like a Dragon серијалот. Комбинацијата на драма, хумор и акција е беспрекорно изведена, создавајќи наратив кој е ем забавен ем емотивно привлечен. Како резултат, добивате силен развој на ликови, особено на главниот. Низ кампањата Маџима, се трансформира од човек без идентитет во легендарен пиратски капетан.
Сите што влекуваат во приказната очекувајќи озбилни, драматични моменти, би биле благо разочарани. Иако играта има такви моменти, истите се целосно надвладеани од бројните откачени елементи кои пуштаат длабоки корени низ времетраењето на целата кампања, пружајќи повеќе откачено, отколку озбилно искуство. Во ниеден момент, глумата не делува неспособна за одржување на ваквото темпо, допринесувајќи до бројни впечатливи ситуации кои, често, ќе извлекуваат пријатна насмевка од вас.




И на копно…
Like a Dragon: Pirate Yakuza in Hawaii нуди уникатен гејмплеј кој ги комбинира акционите борби на копно со возбудливи поморски битки. Играта ги задржува акционите моменти од претходните наслови, но додава нови елементи и стилови, оставајќи површен впечаток како да играте Devil May Cry. Имено, иако се работи за традиционални битки кои се препознатливи за Yakuza серијалот, нивната динамика е до тој степен „издувана“ да делува како да играте Yakuza игра на стероиди. Со само едно копче, Маџима може да се префрла помеѓу два борбени стилови: Mad Dog и Sea Dog. Mad Dog стилот се фокусира на брзина и агилност, со прецизни и моќни удари. Sea Dog стилот, од друга страна се одликува со користење двојни мечеви и пиратски алатки, нудејќи повеќе разновидни и креативни напади.
Комбо системот е длабок и наградува креативност, со можност за изведување на експлозивни комбинации, жонглирања и воздушни напади.
Често се случува да навлегувате во динамични битки против десетици непријатели, движејќи се како несопирлив демон со серија од надреални способности, косејќи неуморно се што ќе се испречи пред вас. По првпат во серијалот, имате можност за воздушни напади, каде го кревате непријателот и имплементирате брзи, ефикасни и брутални напади. Целиот борбен систем е брз, флуиден и е, без сомневање, нешто најблиску до целосен визуелен спектакл.

И на море…
Поморските битки се во реално време, принудувајќи ве да маневрирате со вашиот брод, “Горомару”, избегнувајќи непријателски оган и критични оштетувања. Откако ќе се нанесе доволно штета на противничкиот брод, можете да се качите на истиот и да се борите со екипажот. Истражувањето на отвореното море е клучен дел од играта, со можност за откривање на скриени острови и богатства. Овие механики би можеле да ве потсетат на Assassin’s Creed: Black Flag и, иако би можеле до некаде да ја оправдате таквата помисла, Like a Dragon: Pirate Yakuza in Hawaii е сепак неколку скалила подолу од таквата златна класична игра. Се работи за значително поедноставни механики каде ги истражувате водените површини, напаѓате, крадете плен од бродови или острови и одново започнувате нов круг.
Собирањето на екипаж, и нивното усовршување, како и надградбата на бродот се две клучни механики во играта.
Надвор од директно управување со бродот, можете да трчате низ бродот, да ги лечите членовите на вашиот тим, како и да користите одредени алатки за прикривање на вашето движење, па дури и да користите ракет фрлач затоа што – зошто да не? Целта е на забавата, а овие поморски битки никогаш не го злоупотребуваат вашиот престој, завршувајќи, обично по неколку минутна изведба на кратки, но слатки разнолики активности, како вршење експолозивни напади, правилно позиционирање, и безмислосно уништување на противничкиот екипаж.

Играта е полна со мини-игри, како што се караоке, “Crazy Delivery” и “Dragon Kart”, кои нудат забавно и разновидно искуство. Емулацијата на стари SEGA игри е одличен додаток.
Графиката на играта е импресивна, со детални локации и реалистични ликови. Хавајските острови се прикажани со живописни бои и прекрасни пејзажи. Аудио дизајнот е исто така одличен, со епска музика и автентични звучни ефекти. Во сите овие работи уживате преку истражување на пренаменетиот град Хонолулу. Светот не е огромен, но е сосема доволно за незаборавна 24-часовна авантура. Има одредени мапи кои ни оставија впечаток на мрзеливо поставување основни компоненти колку да се ред-ради пополни просторот во кој се наоѓате, но поголемиот дел од главниот град ќе ве импресионира со тесната популација и бројните автентични предмети.
Ryu Ga Gotoku Studio
Ryu Ga Gotoku Studio e јапонско студио кое, благодарение на уникатна мешавина од убедливи наративи, привлечен гејмплеј и живописни виртуелни светови, ја има зацврстено нивната позиција како моќна сила во гејмерската индустрија.Студиото се има прославено со Yakuza серијалот, нудејќи на гејмерите сложени приказни, добро развиени ликови и прецизната рекреација на јапонските урбани средини.
Со “Yakuza: Like a Dragon” (Yakuza 7), студиото направи значајна промена, воведувајќи борба заснована на потези и нов протагонист, Ичибан Касуга, покажувајќи ја подготвеноста за иновации и еволуција. Благодарение на ова, студиото привлече поширока публика и го поплоча патот за успешни спин-оф наслови.
Надвор од Yakuza и Like a Dragon наслови, студиото има работено и на Binary Domain, Judgment, Super Monkey Ball Banana и Virtua Fighter 5 R.E.V.O.
Моментно, студиото вредно работи на Virtua Fighter игра, како и Project Century.




Заживувачка авантура
Like a Dragon: Pirate Yakuza in Hawaii е освежувачка и иновативна игра која успешно ги комбинира познатите елементи на серијата со нови и возбудливи пиратски авантури. Играта нуди длабока и привлечна приказна, возбудлив гејмплеј и импресивен визуелен и аудио дизајн. Со двата уникатни начини за битки на копно и со едноставниот, но забавен поморски систем, ова се поставува како игра која ќе ги забавува и воодушеви фановите на серијата, како и новите играчи.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Ryu Ga Gotoku Studio
- Издава: SEGA
- Жанр: Акција, авантура
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 20 февруари 2025
Оценка
- Вкупна оценка: 9
- Приказна: 8
- Гејмплеј: 10
- Графика: 8
- Звук и музика: 10







