Зошто да ја играте?
- Фанови сте на овој долго-годишен серијал
- Значително покомплексен систем за битки
- Огромни битки полни со впечатливи детали

Последната Dynasty Warriors игра, деветката, излезе во 2018-та година. И, со 57 поени на метакритик, не беше она што фановите го сакаа. Иако имаше амбициозни механики, нивната реализација беше, благо кажано, катастрофално лоша, нудејќи неисполнително искуство кое личи на ММО, а е далеку од тоа. Koei Techmo, меѓутоа, никако не сакаат да кренат раце од серијалот и, по неколку спинофи, решија да ја преиспитаат насоката во која со децении се движи овој серијал. Како најбезболно решение беше одново рефокусирање и враќање на она што го правеше универзумот исклучително успешен.

Dynasty Warriors: Origins нуди долго посакувана ревитализација на франшизата.

Dynasty Warriors (真・三國無双, Shin Sangokumusō, или “True Three Kingdoms Unrivaled” е кинески серијал од hack and slash игри.
Создадени од Omega Force и Koei, игрите се забавна алтернатива на стратегијата Romance of the Three Kingdoms.
Првата игра излегува во 1997-та година. По осум последователни игри и неколку spin-off изданија, Koei Tecmo решава да се да се вратат на основните елементи кои го направија серијалот успешен. Резултатот е Dynasty Warriors: Origins!

Торнадо на смртта
Една работа која ја изделува Dynasty Warriors од сите други игри е можноста да се соочите со илјадници непријатели од еднаш. Ликовите со кои играте се несопирливи воини кои ефикасно користат оружја за масакрирање армии од неоријатели. Она што ја изделува Dynasty Warriors: Origins од останатите Dynasty Warriors игри, меѓутоа, е борбениот систем. Овојпат, механиките зад системот за борење се покомплексни, а, со тоа, и попредизвикувачки. Како резултат, добивате игра која ги користи сите добри идеи од претходните игри (особено од првите), ги надградува, менува или целосно исфрлува идеите кои не беа популарни меѓу фановите.
Разочарувањето што овојпат играте со генеричен лик трае се додека не ја започнете првата битка и не искусите колку е добар hack and slash системот за борење.
Во Dynasty Warriors: Origins првенствено играте со еден лик – безимениот херој. Како чувар на мирот, ќе имате за задача да ја искусите приказната за трите кралства од малку поразлична перспектива. Споредено со претходните игри од серијалот, Dynasty Warriors: Origins поседува одредна грациозност во движење, нудејќи задоволителни анимации и автентична флуидност во движењето. Движењето низ непријателите, ударите на челикот и неуморното напредување наликуваат на задоволителна комбинација од комплексен танц и несопирливо торнадо на смртта.

Грандиозен танц
Избегнување, блокирање и возвраќање на ударци е доведено до совршенство во Dynasty Warriors: Origins, давајќи ви целосна слобода за позабавно справување не само со брановите од непријатели, туку и со бројните босови. Ако нешто им пречеше на фановите во претходните игри тоа беа неинвентивните босови кои, од една страна, беа исклучително тешки за убивање, а, од друга, лесно ве убиваа вас. Во Dynasty Warriors: Origins работите се значително поразлични. Сега, босовите и понатаму се предизвик, но забавен предизвик, дозволувајќи ви да се користите ефикасни тактики за да ги убиете на задоволителни начини.
Впечатлива и филмска презентација, со квалителни анимации, специјални ефекти и динамична музичка подлога која влијае на играчот како десет енергетски пијалоци испиени едно-по-друго.
Овие тактики се од непресушно значење и кога сте опколени од бранови од непријатели. Иако се работи за hack and slash игра, сепак не можете да извоите победа без да размислувате. Потребни се брзи рефлекси и размислување на лице место, правилно избегнување, блокирање или возвраќење на ударците. Во спротивно, нема далеку да стигнете. Ова не значи дека играта не е фер, но нема толеранција за безглаво штракање копчиња.

Инспиративни акти
Во Dynasty Warriors: Origins, потребно е да водите сметка и за целата битка која се случува околу вас, односно како напредува заедничкото освојување на тврдината, каква е состојбата на моралот, и што може да направите вие лично за да се зголемат целокупните шанси за победа. Имено, за време на масивните битки, имате одредени второстепени задачи кои може да помогнат работите да се свртат во ваша користи.
Убивање на одреден бос значи намалување на моралот на непријателите, а помагање на одреден сојузник би можело да отклучи алтернативен пристап до клучната цел.
Овие работи даваат посебна длабочина на битките и ви дозволуваат да истражувате поразлични начини за издвојување победа која е заснована на тактички одлуки. А, во моментот кога ќе издвоите победа, преживеаните непријатели реагираат на автентични начини така што бегаат од бојното поле или пак клекнуваат поразително. Dynasty Warriors: Origins е полна со вакви ситни детаљи кои допринесуваат до квалитетно севкупно искуство.




Но, Dynasty Warriors: Origins е многу повеќе од константно борење. Надвор од битките имате впечатлива приказна чијо наративно клупче се одмотува така што се движите низ една џиновска мапа, направена во стилот на бројни, препознатливи JRPG игри. Нема преголема комплексност во мапата, но е сосема доволно за да се органски поврзе главната приказна и споредните мисии на еден покреативен и, со тоа, позабавен начин.


Кои се Koei Tecmo?
Koei Tecmo Holdings Co., Ltd. е јапонска компанија за видео игри, формирана во 2009 година со спојување на Koei и Tecmo. Со седиште во Јокохама, Koei Tecmo е позната по своите популарни франшизи како Dynasty Warriors, Samurai Warriors, Dead or Alive и Atelier.Пред спојувањето, компаниите Koei и Tecmo имаа богата историја. Имено, Koei е основана во 1978-та година, а Tecmo – во 1961! Првично, Tecmo се занимаваше со продажба на аркадни игри.
Koei Tecmo има силно присуство на глобалниот пазар, со канцеларии во Северна Америка, Европа и Азија.
Достоен наследник
Шестгодишното чекање е целосно оправдано. Koei Techmo го имаат искористено времето за да исфрлат импресивен наслов која ја враќа вербата на фановите и го поплочува патот за светла иднина полна со квалитетни продолжетоци.
Dynasty Warriors: Origins е уште едно солидно издание во популарната франшиза. Со својата возбудлива борба, епски битки и богата приказна, играта ќе ги задоволи фановите на серијалот и љубителите на hack-and-slash жанрот.

Повеќе детали за играта
- Произведува: KOEI TECMO GAMES CO., LTD.
- Издава: KOEI TECMO GAMES CO., LTD.
- Жанр: акција
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 17 јануари 2025
Оценка
- Вкупна оценка: 8.7
- Приказна: 8
- Гејмплеј: 9
- Графика: 8
- Звук и музика: 10







