Нема никакво сомневање дека сме огромни фанови на Assassin’s Creed игрите. Од првата игра, преку амбициозната Black Flag, проблематичната Unity и, нашата омилена Syndicate, нема што немаме играно. Со воведување на трилогијата Origins, Odyssey, и Valhalla, работите значително се променија за овој серијал. Assassin’s Creed почна да пушта се подлабоки и подлабоки корени во акциони RPG механики, давајќи предност на адреналински битки, потиснувајќи ги прикрадувачките елементи. Нам, оваа промена особено ни се допадна и уживавме во директното негување на нашите атентаторски амбиции.
Дел од гејмерите, меѓутоа, не можеа да ги прифатат овие промени и беа особено гласни во нивните барања серијалот да се врати на корените и да се даде предност на клучните механики за прикрадување. Assassin’s Creed: Mirage е одговор на таквото барање. Со неодамнешното излегување на Steam, решивме конечно и ние да ја провериме играта и да го споделиме нашето мислење за новата, храбра игра на Ubisoft! Од она што го видовме, Mirage прекрасно ја балансира носталгијата од првите игри со модерните новитети од најновите, нудејќи наслов кој сака да ги направи сите среќни.

Враќање на голема врата
Во Assassin’s Creed Mirage играте со Басим, харизматичниот атентатор кој игра огромна улога во Valhalla. Но, младиот Басим е значително поразличен од оној со кој ја имавте честа да соработувате како Ејвор. Во деветиот век, Багдад е брутално место. Басим се труди да си го најде неговото место под сенката така што прави најразлични кражби. Овие ситни кражби едвај ги задоволуваат неговите преголеми амбиции и Басим ќе се најде вовлечен во мистериозната, древна организација позната под името the Hidden Ones. Оваа организација ќе му дозволи да ги оствари сите негови амбиции, да стане главен атентатор и ги добие сите одговори кои го одржуваат буден за време на доцните ноќни часови.

Разводнето, но освежително искуство
Приказната не е премногу долга и би можеле да поминете низ главната кампања за 16 часа. Но, тие 16 часа се полни со драматични разговори, непредвидливи пресврти и длабоко разработување на ликовите. Басим е детално разработен лик кој знае да ве расположи со досетка-две во еден момент, а да ве замисли со филозофско размислување во друг. Наместо кампања која е „развлечена“ низ запрепастувачко огромни мапи и сточасовен грајнд, Mirage нуди кратко, концизно искуство во кое преовладуваат препознатливите елементи од првите игри. Прикрадување, тивка елиминација, паркор и користење едноставни алатки. Овие состојки вродуваат забавна и исполнителна формула која ќе ве држи залепени пред екранот од почеток, па сѐ до самиот крај. Да не се здобиете со погрешен впечаток; Mirage изгледа и функционира како Valhalla, но тоа е сепак Valhalla без препознатливите RPG елементи, без користење бројни (магични) способности и со значително отежнати битки.
Ова е игра која посебно добро ќе им легне на сите оние што уживаа во последната трилогија и сега бараат освежително разбивање на таквата формула. Паркор движењето е прочистено и пофлуидно од кога и да е, дозволувајќи ви да се движите со ветрот и да скокате преку, под и околу препреки. Паралелно со ова, ќе можете да се споите со околината, да се сокриете од непријателите, да го привлекувате нивното внимание, или пак да ги елиминирате користејќи го вашиот арсенал од скромни, но смртоносни сечила. Последново е точно само додека не бидете видени.
Басим е одличен крадец, но е катастрофално лош борец. Поради тоа, секој директен напад строго се обесхрабрува, принудивајќи ве предаторски да демнеете од сенките, да го набљудувате движењето на непријателите и да удирате кога непријателите најмалку се надеваат. Во случај да бидете забележани, најдоброто нешто што можете да направите е да ги деконцентрирате непријателите, да побегнете од нив и да се сокриете зад препрека. Ни се допаѓа концептот кој ве прави како стаклен топ, охрабрувајќи го чекорењето по оригиналниот атентаторски пат.
Во пресрет на новата судбина
Багдат е преубаво место. Секоја уличка, куќа, пазар или палата изобилува со најразлични елементи кои не се хаотично нафрлани колку само за да се создаде илузија на живот. Бројните елементи кои ги гледате оставаат реалистичен впечаток дека луѓето навистина живеат и функционираат во градот. Наместо да трошите пари на одредена група луѓе за да ви завршат некоја услуга, како заведување стражари, започнување тепачка, ќе користите посебни токен за да побарате помош. Ваквите токени може да се искористат и за да извлечете попусти на одредени работи.
Парите, од друга страна, ќе се користат за купување муниција за вашите алатки, како димна бомба, ножеви и слично. Иако се работи за мал број алатки, истите ќе можете да ги надградувате на неколку интересни начини. При секоја надградба, која е можна и за костимите кои ги носите, избирате на кој начин да се подобри ефикасноста на алатките, со што се создаваат можности за поразлично преигрување. Покрај ова, имате на располагање и дрво со вештини. Споредено со Valhalla, способностите кои ги отклучувате во Mirage се далеку од импресивни, но може да ви помогнат при полесно справување со бројните препреки низ играта (како помало губење здравје при падови од висина, способност за носење повеќе работи, полесно изведување атентати, и слично).
Пустините се преубаво прикажани и полни со детали, како реки и фарми. Овие природни убавини често ве принудуваат да застранувате од вашата моментна задача само за да целосно уживате во исполнителното истражување. За да бидат работите уште подобри, мапата не е голема, особено кога ќе ја споредите со мапите од претходната трилогија. Благодарение на ова, нема да се презаситите од константното еднолично истражување и морето неисполнителни второстепени активности. Сѐ што има е во задоволителна количина, се почитува вашето време и не се злоупотребува вашиот престој.




Незаборавно искуство
Кога ќе се земе сѐ во предвид, Assassin’s Creed: Mirage нуди прекрасно и впечатливо искуство кое е лишено од сите оние механики кои ги правеа игрите од трилогијата болно долги и, можеби, пренатрупани со непотребни работи. Со преубавата графика, одличната глума, квалитетно напишаната приказна и забавните гејмплеј механики, играта на Ubisoft Bordeaux успева да понуди еден вид златна средина помеѓу првите и последните Assassin’s Creed. За сите оние кои очајно сакаат да искусат размрдана, порелаксирачка и поедноставна Assassin’s Creed игра, Mirage е нашата топла препорака за вас!

Повеќе детали за играта
- Произведува: Ubisoft Bordeaux
- Издава: Ubisoft
- Жанр: акција, авантура
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 17 октомври 2024
Оценка
- Вкупна оценка: 9
- Приказна: 10
- Гејмплеј: 8
- Графика: 9
- Звук и музика: 10
Коментари
0 коментари