Highrise City е една од најдобрите игри кои вешто симулираат управување со градови. Позајмувајќи и надградувајќи бројни елементи од City и Tycoon симулациите, играва ви дозволува да влечете бројни конци поврзани со економијата и да го изградите градот од вашите сништа.
Како Cities Skylines, но подобро!
Графички, Highrise City е преубава игра која максимално ги користи модерните можности на енџинот. На огромната светска мапа, ќе можете да изберете територија и, инстантно потоа, да ги направите првите чекори поврзани со градење огромна метропола. Како за почеток, ви препорачуваме тежината да ви е на easy.
Highrise City не е толку предизвикувачка игра колку што бара да сте интимно запознаени со бројните механики и гејмплеј елементи. Имено, во сржтта на оваа игра се кријат две игри. Од една страна, имате бројни механики за градење и населување град. Но, подоцна, играта зазема подлабока димензија и преминува во традиционално и макотрпно управување со бројни ресурси и развивање економија.
Поради тоа, не е само доволно да изградите град во кој ќе може да ужива вашето население. Потребно е да го оспособите соодветно градот за да стане економски независен. За да успеете во целта, ќе вметнувате закони, ќе имплементирате технолошки истражувања и ќе тргувате со најразлични ресурси. Паралелно со ова, ќе решавате најразлични мисии и ќе бидете дел од интересно-осмислена приказна за подемот на еден од најдобрите градови – вашиот!

Враќајќи се на графиката, енцинот е одлично оптимизиран и способен да прикаже илјадници и илјадници граѓани, автомобили и згради. Дополнително, мапите се засновани на географски региони, со што конечно ви се пружа шансата да го направите градот од вашите соништа во местото кое отсекогаш сте сакале да го посетите.
Делот кој нам највеќе ни се допадна во играта е можноста да преземеме директна контрола врз одредено возило и да се возите низ градот. Возењето не е баш реалистично, но сепак е ценето, особено во моменти кога ќе направите преубав град и ќе посакате да го истражите од малку поразлична перспектива.

Highrise City: Metro & Planes – Првото DLC за Highrise City излезе и нуди многу за малку пари!
Highrise City се покажа како феноменален симулатор и city builder каде градите и управувате со огромни метрополи. Првото DLC за играта суптилно се надоврза на бројните можности кои се кријат во основната игра.
Насловено како Metro & Planes, додатокот ви дозволува да ги проширите вашите системи за транспорт и тргување така што воведува значително побогати можности за метроа и авиони.
Покрај новиот ајродром и новите системи за метро, кои отвораат дополнителни можности за тргување и зголемување на вашите профити, бенефити ќе видат и самите граѓани кои сега ќе имаат поголем и поевтин избор за патување. А, кога сме кај евтино, додатокот не чини ни 200 денари.
Ако сте фанови на оригиналната игра, Metro & Planes се чини како интересна опција за проширување на механиките за 5 различни класи на население, над 50 различни ресурси, како и прикази на до 30000 згради, до 5000 автомобили и до 20000 луѓе само во една сцена!




Второто DLC за Highrise City – Vacation Season – излегува на 5ти август!
Нaсловено како Vacation Season, вториот додаток за Highrise City ветува значително проширување на клучните механики. Благодарение на целосно нова економска гранка, ќе можете да задоволите целосно нова група на граѓани кои исклучително ценат трошње пари на продукти кои се екслузивно дизајнирани за нив. Паралелно со ова, ќе можете да градите хотели, но и да организирате транспорт кој ќе ги прошета гостите низ најзначајните туристички атракции низ градот.
Цветање на туризмот!
За разлика од првото DLC, кое беше значително евтино, Vacation Season ќе чини 10 евра, но затоа ќе понуди седум целосно нови ресурси, 17 нови згради и целосно нови механики за управување со градот!
Ни сопствениците на основната игра нема да бидат оставени со празни раце. Излегувањето на платежното DLC се поклопува со излегувањето на бесплатна надградба за основната игра. Надградбата не само што ќе воведе нови ресурси, туку и нови згради поврзани со дополнителен развој. И паркови. Бројни нови можности ќе дозволат да им вдахнете нов живот на парковите.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Fourexo Entertainment
- Издава: Deck13
- Жанр: Симулација и управување со градови
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 4 септември 2023







