Како некои кои со огромно задоволство го следеа, играа и преигруваа Prince of Persia серијалот, со огромно нетрпение ја очекувавме следната авантура со принцот.
Иако се работи за помалку амбициозен проект, особено кога ќе се спореди со претходните игри, The Rogue Prince of Persia сепак успева да понуди огромна забава во мало пакување.
Развојното студио Evil Empire позајмува, морернизира и прилагодува сѐ што ги правеше претходните игри од серијалот уникатни, испреплетувајќи ги, притоа, со забавни roguelite механики.
Во The Rogue Prince of Persia фокусот е на брзината, како во начинот на кој се преминуваат препреките, така и во начинот на кој се спротиставува со противниците. Играта вистински сјае кога ќе ги совладате механиките за скокање, лизгање, нишање, претрчување по ѕидини, па ќе го започнете флуидниот танц од една до друга точка на дводимензионалната мапа. Посебно ни се допадна природната транзиција помеѓу движење и битки.
Со оглед на тоа дека се работи за roguelite игра, умирањето знае да биде честа појава, но, секое наредно напредување е само дополнителна можност за да бидете посилни, поагилни и поблиску до целта. Со собраните ресурси ќе можете да вршите надградби на оружјата и опремата, како и значително подобрување на вашите (основни, но клучни) способности.

Непријателите се одликуваат со уникатни тактики и за да успеете да ставите крај на хунската армија, ќе биде потребно доста експериментирање во пристапите. Покрај основните непријатели, ќе се соочите и со супериорни противници кои, откако ќе стапат на сцена, знаат како да заземат целосна контрола на мапата и да понудат предизвик не само во начинот на кој се борите против нив, туку и во начинот на кој се движите за да ги избегнете сите територијални замки и непогоди. На пример, додека се борите со еден бос, ќе сте и во константна трка со времето, нагорно качување и избегнување на смртоностниот чад.
За среќа, бројните мапи ќе ви дозволат да откриете најразлични оружја и опрема со посебни ефекти. Благодарение на ова, принцот може да заземе различни билдови и целосно да се прилагоди на начинот на кој сакате да ја играта играта.

The Rogue Prince of Persia не е игра која е супериорна само во гејмплеј одделот. Посебно внимание е посветено и на преубавата шаренолика графика, суптилните анимации и милозвучната персиско-американска музичка подлога која значително допринесува до имерзивноста.
Играта излезе во раниот пристап со шест уникатни биоми, осум главни оружја, шест моќни алатки, и триесетина парчиња поситна опрема. Во меѓувреме, се работи на нови стази, нови непријатели и босови, оружја и надградби. А, кога сме кај првото значајно надополнување, The Rogue Prince of Persia веќе може да се пофали со нова мапа, нови непријатели и оружја, погледнете:
Кога ќе се земат сите овие работи, The Rogue Prince of Persia е на одличен пат да биде една од најдобрите roguelite игри и гордо да стои раме-до-раме со ветераните како Hades.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Evil Empire
- Издава: Ubisoft
- Жанр: roguelite авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 27 мај 2024
Коментари
2 коментари
Коментарите се затворени.