Пред некој ден, пишувавме за Hazy Mind и за тоа како ги поместува границите на карактеристичните визуелни романи така што нуди приказна која обработува вознемирувачки теми поврзани со људската психа. Доколку завршивте со таа игра и сакате да се префрлите на роман со значително поведра тема, тогаш ви препорачуваме да ја проверите најновата игра на Breadwork Games – Bardic: Quest for Love!
Bardic: Quest for Love e шаренолик визуелен роман кој успешно жонглира романтични елементи кои се препознатливи за dating симулациите и choose your own adventure авантурите. Преку долги, но интересни разговори, ќе се запознаете со бројни харизматични ликови и ќе пробате да ја најдете љубовта која го заслужува вашето неподелено внимание.

Влечејќи инспирација од средновековна фантазија, во Bardic: Quest for Love ќе навлезете во магичниот град Дипхарбор. Играјќи или со Една или со Едмунд ќе имате за задача да управувате со таверна. Во мисијата да го „разработите“ местото, ќе сретнете најразлични авантуристички души, секој со интересна приказна.

Откако ќе одберете со кога ќе играте, ќе биде потребно да го прилагодите вашиот талент во одредени способности, како храброст, инспирација, шарм и слично. Висината на поените кои ќе ги доделите, ќе влијае на тоа дали ќе успеете да ја наметнете вашата воља во одредени ситуации.
Bardic: Quest for Love е игра чии цртежи се со прецизни бои (површини) и изразени емоции кои лесно може да се толкуваат од играчите. Ликовите со кои стапувате во интеракција се интересни и кријат интригантна длабочина. Како и во вистинскиот свет, така и тука, многу работи зависат од односите кои ги негувате со нив.

Бидејќи играта има вградено time management систем, потребно ќе биде да го планирате вашето време и акциите кои ќе ги преземате. Надвор од ова, нема некои други механики. Освен крткотрајно шеткање, фокусот е целосно ставен на разговорите кои треба да ги водите со ликовите, што и не е лоша работа.
Bardic: Quest for Love е замислена да понуди забава преку благодушни и релаксирачки интеракции. Единствено што посакувавме е целосна гласовна подршка на ликовите. Од она што го има, јасно е дека актерите се повеќе од талентирани. Играта би била значително подобра доколку секој разговор можеше и да се слушне како е одглумен.

Bardic: Quest for Love не е премногу долга игра, но, со оглед на тоа што одредени делови се одвиваат според вашите способности и одлуките кои ќе ги донесете, играта има висока вредност на преигрување. Сметаме дека цената за играта би можела да е помалку од 1000 денари, но, како што напоменавме, добро е тоа што имате содржително демо.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Breadwork Games
- Издава: Breadwork Games
- Жанр: визуелен роман
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 15 февруари 2024