Пред да излезе во раниот пристап на Steam, играта на канадското развојно студио Inflexion Games – Nightingale успеа да создаде огромен хајп. Ова се должеше на две причини.
Од една страна, студиото беше формирано од поранешен извршен директор на BioWare кој успешно привлече и ред други таленти. Како резултат, многумина потајно очекуваа дека Nightingale би можела да ја содржи препознатливата Bioware магијата, иако често се потенцираше дека оваа игра ќе припаѓа на survival жанрот.
Втората причина за преголемите очекувања се должеше на уникатната наративна и визуелна тема која влече силна инспирација од алтернативна верзија на викторијанската ера и стимпанк елементи. Поради овие две причини, голем дел од гејмерите очекуваа дека играта ќе направи вистински бум во survival жанрот.

Скоро десет денa како играта е достапна во раниот пристап на Steam и скоро десет дена како ги истражуваме уникатните светови осмислени од Inflexion. Иако Nightingale не ја содржи препознатливата Bioware магијата, тоа не значи дека играта не е магична. Nightingale веќе се одликува со различен, но уникатен стил и наративeн фокус кој не е својствен за survival жанрот. Паралелно со ова, бројни гејмплеј механики и елементи за комплексно градење, борење и истражување го поплочуваат патот за нешто што, со текот на времето, би можело да премине во една од најдобрите игри од овој жанр.
Патување низ световите
Како за почеток, Nightingale е вашата (не)стандардна survival игра во која започнувате интер-димензионални патувања и скокање од еден рандомно-генериран свет во друг. Независно од светот во кој ќе навлезете, потребно е да барате храна за јадење, да одмарате за да имате кондиција и да собирате ресурси за да крафтате различни алатки, опрема и помошни средства. Со оглед на тоа што играта е инспирирана од викторијанското доба, ќе можете да крафтате и користите чадори со кои лесно и забавно ќе лебдите низ воздушните простори. Покрај стимпанк дизајнирана облека, ќе забележите препознатливи црти и кај ладните и огнените оружја.

Преубавите светови, кои се простираат од шуми, преку пустини и мочуришта, па се до заканувачки планински места, кријат бројни мистерии, најразлични ресурси и квестови кои доаѓаат од крајно неочекувани NPC ликови. Во една ситуација, ќе помогнете на Виктор Франкенштајн, а во друга на Господин Хајд. За пофалба е ваквото наидување на разнолик литературен лор кој потекнува од големите умови на 19-иот век. Како и да е, некои од ликовите ќе можете и да ги регрутирате и да ги ангажирате да ви помагаат за време на вашите авантури. Подразбирливо, доколку сакате не мора да навлезувате во световите само со NPC ликови. Nightingale поддржува и ко-оп со до шест играчи!

Што се однесува до самите светови, Nightingale се одликува со уникатна механика за генерирање еден вид персонализирани светови. Персонализацијата доаѓа од таканаречените realm cards кои ги користите пред да го отворите порталот кон светот. Имено, како за почеток добивате две карти кои го создаваат светот според упатствата кои се наоѓаат на нив. Комбинацијата од двете карти одредува во каков свет ќе навлезете (пример, шума) и со какви предизвикувачки непријатели ќе се соочите. Дел од картите ги наоѓате, а дел од нив можете вие да ги создадете. Како и да е, световите кои ќе се откријат со овие карти се преубави, полни со визуелни детали и интересни места за истражување, до тој степен, да ќе ви биде тешко да поверувате дека се рандомно создадени.

Откако ќе се запознаете со светот во кој ќе навлезете, ќе можете да започнете со етапно собирање ресурси, правење алатки и градење. Системот за градење е лесен и крие запрепастувачка длабочина. Доколку сакате да правите импресивни места, оваа игра нема да ве разочара. За брзо време, ќе се најдете опкужени со бројни станици за крафтање; со барања за најразлични ресурси за дополнително процесирање и создавање предмети од различен квалитет (во зависност од материјалите и станицата која ќе решите да ја употребите).

Надвор од вашиот дом и сите механики кои се поврзани со него, ќе истражувате бројни светови, ќе се соочувате со најразлични непријатели (и крајно импресивни босови) и ќе собирате корисен плен, дали во форма на рецепти, дали во форма на опрема или ресурси. Посакуваме борбите да беа малку потензични и со проширени можности за имплементирање офанзивни и дефанзивни тактики. Вака како што е, битките се прилично едноставни и знаат да го намалат уживањето откако ќе инвестирате повеќе часови во играта.

Со оглед на тоа дека Nightingale излезе во раниот пристап на Steam сосема очекувано е дека вашето искуство нема да биде глатко. Поради тоа, често наидувавме на проблематични визуелни проблеми и багови кои значително го загрозуваа севкупното искуство. На многумина, начинот на кој е осмислен корисничкиот интерфејс исто така знае да „боде очи“ и да ги мачи гејмерите со отежната навигација, особено доколку решите да ја играте Nightingale со контролер. И покрај ова, девелоперите активно ја слушаат фан базата и релативно брзо реагираат во исправување на најголемите работи кои ги мачат гејмерите.

Сега за сега, Nightingale се наоѓа во релативно незавидна ситуација и се мачи со исправање на дел од горе-споменатите проблеми, но она што го има посочува кон огромен потенцијал. Со оглед на тоа дека многу ветерани од индустријата се вклучени во играта, шансите се исклучително големи играта да стане значително подобра со текот на времето. Како и да е, ние бевме лесно импресионирани од световите и длабоките механики и ќе продолжиме внимателно да го следиме напредувањето на играта. Останете со It.mk за да заедно видиме како ќе напредува играта и дали ќе дојде моментот кога играта би можела лесно да се препорача на фановите на овој жанр.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Inflexion Games
- Издава: Inflexion Games
- Жанр: Survival игра во отворен свет, мултиплеер
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 20 февруари 2024







