По објавата на А1 Македонија, дека по повод 2 години од постоењето на брендот во државата, телеком операторот претставува тарифен модел со 100 GB месечен мобилен интернет, во истиот ден, дури може да се каже и истовремено доколку се споредат временските објави по порталите на Time.mk кластерот, Македонски Телеком претстави 100 GB тарифен пакет за сите Magenta корисници достапен за само 1 денар еднократно кој може да се искористи до крај на годината (31.12.2021), прославувајќи 100.000 Magenta корисници.

Што е разликата помеѓу двете 100 GB понуди?
Понудата на А1 Македонија се однесува на тарифен модел кој нуди 100 GB вклучен месечен интернет како што гласи во нивното соопштение и може да се забележи на сајтот:
“Со тарифниот модел A1 Neo M+ корисниците добиваат 100GB мобилен интернет месечно.”

Понудата од 100 GB мобилен интернет пак на Македонски телеком, се однесува само на нови и постоечки Magenta корисници и всушност е пакет кој може да се активира за 1 денар а не мобилна месечна тарифа, појаснето на нивниот сајт подетално:
Промотивниот мобилен интернет од 100 GB по цена од 1 денар важи за сите нови и за сите постојни приватни корисници на Magenta 1 мобилни услуги М и L, како и за сите нови и за сите постојни деловни корисници на Magenta 1 Business мобилни услуги М и L и е достапен за користење до крајот на годината. извор

Ситуацијата во која двата најголеми телекоми во ист ден објавуваат налик идентична понуда во која главно дејствие има “100 GB мобилен интернет” понуда е доста чудна гледано од аспект на конкуренција на пазар, но за што точно станува збор, немаме информации ниту пак може да претпоставиме, но размислувањето дека станува збор за чиста случајност ни е некако наивно во овој момент… но од страна на потрошувачите, достапност на поголеми пакети на мобилен интернет е и те како добредојдена, особено во ера на стриминг и висока конзумација на онлајн видео кога постарите корисници киснат на Netflix, HBO а помладите не тргаат очи од TikTok и YouTube.
Напомена согласно нашите етички принципи: А1 Македонија е долгогодишен клиент на компанијата која стои зад IT.mk – IWM Network, текстот не е реклама туку проследување на јавна информација и мислење кое IT.mk редакцијата смета дека ќе им е од корист на читателите.







