{mosimage}Интернетот и мобилните телефони станаа главна компонента на современиот семеен живот. Помеѓу сите типови на домаќинства, традиционалните семејства имаат највисок степен на употреба и поседување на технологија. Технологијата помага во зближување на семејствата. Ова се вели во извештајот на Pew Internet – компанија која се занимава со проучување на влијанието на интернетот врз децата, заедниците, работните места, грижата за здравјето и опшествено политичкиот живот.
Наместо да ги разделуваат луѓето, мобилните телефони и интернетот придонесуваат за одржување на социјалните врски. Истражувањето спроведено на 2.252 американци, покажува дека семејствата се најголемите ентузијасти во поглед на користење на современата технологија. Исто така, истражувањето покажува дека користењето на интернетот е социјална активност во рамките на семејството. 51% од родителите велат дека пребарувањето на веб страници го прават заедно со своите деца.
"Некои аналитичари изразија загриженост дека новите технологии ја повредуваат семејната заедница, но ние гледаме дека технологијата овозможува нови начини на поврзаност, со мобилните телефони и интернетот" вели Tracy Kennedy од Универзитетот во Торонто кој помагаше во изработката на извештајот именуван како "Networked Families".
{mosimage}
Истражувањето беше насочено кон воочување на разликите во поглед на употребата на технологијата помеѓу семејства со деца и само возрасни, парови без деца и возрасни кои делат заеднички дом но сепак не се роднински поврзани. Се покажа дека традиционалните семејства поседуваат повеќе hi-tech направи во своите домови, повеќе отколку било која друга група која била испитувана. Кај 89% од традиционалните семејства е утврдено дека поседуваат повеќе од еден мобилен телефон, а 66% од нив поседувале интернет конекција. Кај 58% од овие семејства е утврдено дека поседуваат повеќе од два компјутери дома.
53% од испитаниците велат дека новите технологии го подобриле квалитетот на нивната комуникација со оддалечените членови на семејството, а 47% велат дека им се подобрила интеракцијата со тие со кои живеат заедно.
Поголемата употреба на мобилните телефони, компјутерите и интернетот доведе до тоа семејствата веќе да не се собираат пред телевизорот, но ова не значи дека тие семејни моменти исчезнаа. Напротив, се покажа дека 52% од интернет корисниците кои живеат со својот сопружник и имаат деца, се приклучуваат онлајн во друштво со некој друг, неколку пати неделно.
Според многумина, зголеменото користење на интернетот произлезе од се поскапата телевизија. 25% од испитаниците велат дека се помалку гледаат телевизија. Само 58% од 18-29 годишните велат дека гледаат телевизија секој ден.






