Само во минатиот јули е побарано од Google да тргне речиси 14 милиони линкови од резултатите. Во последните шест месеци, вкупната бројка е нешто над 100 милиони линкови. Барањата најчесто се темелат на законите за прекршување на авторските права, јавува BBC.
Најголем дел од линковите за кој се бара отстранување се p2p сервиси за споделување содржини, односно торент сајтови. Најчести имиња на листите сe Fenopy.eu, extratorrent.com, torrenthound.com и bittorrent.com. Најголем број на содржини поради кои се поднесува барање се порнографски, но и голем дел од барањата се од музичката индустрија. Ваквата навала на барања се разбира не може да помине без грешки, па најсмешен е примерот на Microsoft кој погрешно побара од Google да цензурира линкови до сопствени веб сајтови.
„Покрај тоа што специјализирани агенции испорачуваат милиони барања до Google, сепак на местото на секоја затворена локација се појавува нова. Пиратеријата стана децентрализирана, повеќе нема еден сервер кој ќе го затворите и ќе го прекинете изворот.“, вели Марк Малиган, аналитичар во Midia Consulting за BBC.
Меѓу најагресивните компании кои го штитат авторското право, вели Google во својот извештај, се наоѓа Degban, компанија што го штити правото на мултимедијална содржина, која неделно испраќа по 300.000 барања за отстранување на линкови. Degban до сега побара да се отстранат над 31 милион линкови. Втор на листата е Froytal Services кој ги штити авторски права на порнографската индустрија. По нив следи музичката и филмска индустрија, и интересно Microsoft, кој во последните две години испрати над 12.000 барања до Google за отстранување на над 13,8 милиони URL-a.