39 коментари 2 мин. читање

До .мк медиумите: По кој пат веќе, нели ви е срам да пренесувате лажни вести?

Според македонските медиуми, Facebook ќе се изгасел за три дена. Тука не зборуваме за блогови или забавни портали, туку за медиуми кои за себе велат дека се „професионални“. Но, како може да се претставувате како професионален медиум кога не може да исполните основен стандард како „провери извор на информација“? По кој пат ви се случуваат вакви глупости?

Ако барате сензационализам зарем не е подобро да се задржите на македонските политички препукувања, отколку да се бламирате пред целата публика?

Најновата лажна вест е објавена на Kurir.mk и Вечер и во неа се вели дека Марк Закерберг се откажува од Facebook и мрежата ќе биде затворена за три дена. Кurir.mk дури се потрудиле да линкаат до изворот на веста, но чудно како не се потрудиле да видат за каков извор се работи. Weekly World News е портал за лажни вести налик на Onion или Njuz.net, кој, на пример, објавува вести дека NASA ќе лета кон Сонцето и други сатирични и смешни будалаштини.

Овие вести на Kurir.mk и Вечер се проичитани и споделени неколку стотици пати, а за луѓето кои немаат многу знаење кон технологиите можат да претстават само глупава дезинформација која само ќе им ја зацврсти недовербата кон алатките кои можат да им помогнат и лично и професионално.

Тоа што зачудува е глупоста на новинарите лицата кои ги објавуваат овие текстови. Како е можно компанија која вреди до 100 милијарди долари да биде затворена само бидејќи на Закерберг, според лажната вест, му здосадило? Како на тоа реагираат инвеститорите? Всушност, дали ја знаете најголемата вест поврзана со друштвената мрежа, дека се нуди на берзатa, па како Закерберг го има конечниот збор за целата таа компанија?

Зарем не ви се срам, и на тој што го напишал и на тие уредници кои дозволуваат вакви глупости да бидат објавени? Oва веќе не е ни сензационалистички, ова веќе е глупаво.

Напишано од

Виктор Дано е уредник на IT.mk уште од самите почетоци на порталот. Верува дека новите и традиционалните медиуми треба да соработуваат, и дека е најважно вистинската информација да стигне до публиката. Страствен фан на Liverpool FC и зависник од Discovery и National Geographic.

Коментари

39 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top