Во тек е вториот ден од меѓународната конференција е-Општество со тема „ИКТ и животната средина: Приказна за отпадот“, организирана од фондацијата Метаморфозис, и поддржана од Европската унија како дел од проектот „Балканска мрежа за застапување при управување со е-отпад“.
Вториот ден е посветен на работилниците за „зелена“ канцеларија и креативна реупотреба на е-отпад, додека првиот ден од конференцијата беше исполнет со презентации, предавања и истражувања за проблемите што ги носи е-отпадот и како да се справиме со нив.
Сите тие презентации се закачени на сајтот e-society.mk, a подолу се неколку кои ни се допаднаа и имаат доста корисни информации.
- „Препораки за политики за справување со е-отпадот“ – Ања Френч, Computer Aid International. Презентацијава ги дефинира полисите и политиките кои треба да бидат прифатени со цел да се справиме со е-отпад. Пример, забрана на увоз и извоз на е-отпад, приоритет на рециклирање, мониторирање на компаниите и соодветни казни за фрлање е-отпад…
- „Македонија: Обврски, очекувања и предизвици при справување со е-отпад“ – Елена Игнатова, Фондација Метаморфозис. Оваа презентација ја разгледува ситуацијата со е-отпадот во Македонија, која за жал е лоша, пример е-отпадот оди со комуналниот, и го опишува Закон за управување со електрична и електронска опрема. Има и интересни предлози од граѓаните за како да се справиме со е-отпадот.
- „Е-отпад во Бугарија: Практики и проблеми“ – Владимир Иванов, BlueLink. Оваа презентација е интересна бидејќи може да послужи за споредба меѓу Македонија и соседите, пред се за споредба на информираноста на македонските и бугарските граѓани за законите и справувањето со е-отпадот. Ако се погледне статистиката јасно е дека во двете земји граѓаните не се доволно информирани за справувањето со е-отпад.
- „Анализа и применливост на концептот „Зелена ИТ“ во Р. Македонија (истражување)“ – Даниела Гавриловска, независен експерт. Ова истражување ја разгледува улогата на македонските ИТ компании во справувањето, грижата и свеста за е-отпадот. Интересно, „само 13,33 отсто имаат стратегија за применана на GreenIT или планови за намалување на потрошувачката на ел. енергија и емисијата на јаглерод диоксид“.
Коментари
3 коментари
Коментарите се затворени.