Amazon се борат со Apple за продажба на дигитални книги, дигитална музика и мобилни апликации, а сега ќе се судрат и на нов фронт: на пазарот на таблет компјутери, пишува Wall Street Journal повикувајќи се на извори запознаени со Amazon.
Токму дигиталната содржина може да биде предност Amazon да претстави поуспешен таблет од сите други конкуренти на iPad. Содржината е крал, и Apple го користи тоа перфектно со своите iOS уреди поврзувајќи ги со iTunes и нудејќи им на корисниците се што ќе посакаат, од музика и апликации до филмови и е-книги. Дел од тие книги се продаваат од Amazon преку Kindle iOS апликацијата.
Како Apple, така и Amazon има своја огромна продавница за дигитална содржина, има своја нова продавница за Android апликации и неодамна стартуваше и складишта во облакот Cloud Drive. Слично складиште во облакот беше претставено и од Apple минатиот месец.
Според извештајот на WSJ, уредот ќе биде 9-инчен таблет и ќе работи на Android оперативен систем, бидејќи Amazon веќе има таква продавница. Секако таблетот ќе ги има интергрирано продавниците на Amazon. Ќе нема камера што e дефинитивно минус, но дали тоа би можело да значи дека ќе биде поефтин?
Таблетот на Amazon се очекува да се појави во октомври. Се споменува и друг модел кој ќе се појави следната година.
Покрај таблетот, Amazon планира да објави два нови модели на нивниот Kindle е-читач, за кој компанијата вели дека е нивниот најпродаван уред. Еден од тие идни модели ќе биде со екран на допир.







