Инцидентот на скопското Кале започна преку викендот когa група албански граѓани незадоволни од договор со властите срушија дел од новиот објект, кој треба да биде црква-музеј. Две дена потоа, група „поддржувачи“ за изградба на црквата (читај: македонска навивачка група Kомити) и група „поддржувачи“ за рушењето на истата (читај: албанска навивачка група Шверцери), се собраа, интересно, во исто време на скопското Кале за да си го искажат мислењето преку „мирен“ протест.
Очигледно е што ќе се случи потоа меѓу двете навивачки групи, нели? Масовна тепачка, каменување, осум повредени, еден прободени со нож, паника низ медиумите, критики кон политичарите, етничка нетрпеливост…
Единствено нешто поразлично од минати вакви глупави инциденти е улогата на Facebook.
Facebook е „приватно“ место што нуди мала интернет анонимност, со слика или криење анонимност, место каде секој може да си го каже искреното мислење, безбедно оддалечен од настаните, во фотелјата во топлиот свој дом, место каде може да се најдат истомисленици со кои сме пријатели, со кои споделуваме заеднички моменти и интереси. Не за џабе се вика „друштвена мрежа“.
Барем така е замислена…
Според Радио Слободна Европа, протестите кои станаа инцидент, се организирани од неформални групи на Facebook и од албанската организација Разбуди се.
Facebook е одлична алтака за организирање. Дизајниран е да здружува, за брзо и ефикасно пренесување вирална порака, од еден до илјадници други само со еден Like. Со таа вирална функционалност Facebook стана и алатка за организирање протести ширум светот, дури и револуции, како на пример граѓански протести во Иран, Тунис, Египет. Тие протести се неповрзани со инцидентот на Кале, бидејќи беа граѓаните против диктатура, а не етничка и религиозна тепачка меѓу две глупави групи. Сепак, различните примери демонстрираат иста поента, Facebook е корисен за организирање.
<Надополнето>Дел од групите се тргнати. МВР се активираше и побара од Facebook да се тргнат. Повеќе ќе прочитате тука. </надополнување> Ете, веќе се организираат нови протести на Кале на 19 февруари. Веќе има поставена група со илјадници членови која повикува на протести, каде се постираат одвратни слики и говор на омраза. Всушност „говор на омраза“ е дури и млак термин за тоа што може да се види на таа група.
Тоа не е единствената група. Има и други со исто толку насилна содржина. Група со над 4.000 членови Crkva na Kale, каде македонски и албански корисници се препукуваат меѓу себе со пцовки и повици за етничко чистење. Има и група Музеј-црква на Кале каде приказната е иста, етнички навреди и говор на омраза. Има и група „Kunder Kishes ne Kalan e Shkupit“, и таму е истата одвратна приказна.
Доволно е само еден клик на профилите да се види возраста на тие луѓе, голем дел тинејџери, голем дел студенти! Интересно, доволно е и само еден клик да се види дека повеќето од тие млади „умови“ се заинтересирани за исти нешта, сакаат ист филм, иста музика, ист артист, ист фудбалски клуб, гледаат исто шоу, до вчера заедно навиваа за A1…
На Facebook, покрај вербалното провоцирање, најчесто се предизвикува другата етничка група со видеа од YouTube. Всушност, уште од пред времето на Facebook, видео сервисот е библиотека на гадни видеа преполни со oмраза, повици за Голема Албанија или Голема Македонија, повици за етничко чистење, смрт, видеа од конфликтот во 2001… веќе подолго време никоја .мк институција не се обидува да ги тргне тие одвратни видеа, за кои верувам дека е потребно само да се реагира кај YouTube и ќе бидат тргната бидејќи сервисот се обидува да добие имиџ како извор на квалитетна содржина за да привлечe реклами. За коментарите под тие видеа нема потреба да се споменат. Видеата се јавни, па има повици за етнички чистење на цели балкански народи. И да, поголемиот дел од тие YouTube корисници имаат помалку или околу 30 години, според пишаните години на профилот или видеата кои ги Like-увале.
Facebook профилите се слика на секој негов корисник. Всушност, затоа и вреди 50 милијарди долари, бидејќи е лесно со реклами да се таргетираат правите потенцијални клиенти следејќи ги само информациите од профилот. Секој корисник го споделува и Like-ува тоа што го интересира.
А по тоа што може да се види на мрежата, во Македонија нема ништо друштвено.



Коментари
22 коментари
Коментарите се затворени.