Претпоставуваме дека е мал бројот на корисниците кои не слушнале за 7-Zip – ситна, но експлозивна апликација за исполнување на сите ваши потреби за компресирање податоци. Но, што доколку би ви кажале дека од лесно има уште полесно?
Easy 7-Zip e бесплатна алатка која е базирана на истиот изворски код, но со поедноставен и проширен интерфејс кој се справува со поголемиот дел познати формати за компресија, не исклучувајќи ги форматите Zip, TAR и RAR. Згора на тоа, алатката се одликува со сите опции кои го прославија оригиналниот програм, но и додава неколку други елементи, како икони во контекстуалното мени кое се појавува со десен клик, проширени опции преку прозорецот за извлекување датотеки (extract) и подобар начин за давање увид во сочуваните датотеки.

Во случај да сакате да го проверите стандардниот 7-Zip програм, кој исто така е бесплатен, можете да го преземете од официјалниот сајт!
Од друга страна, солидна алтернатива за онлајн отворање и преземање компресирани податоци е B1. Сајт кој прави вакви услуги во две насоки, односно зипување и одзипување е Files2Zip, a сајт кој специјализира во, меѓу другото, манипулација со конвертирање зипувани датотеки e Online Convert каде не само што можете да си играте со менување формати на зипуваните датотеки туку и можете да конвертирате и аудио фајлови, документи, фотографии и видео фајлови.







