Дигиталната технологија знае значително да ги олесни секојдневните активности не само на учениците, туку и наставниците. Во пресрет на новата училишна година, решивме да споделиме три исклучително корисни алатки. Некои од нив ќе ви помогнат да се посветите на важните работи, некои ќе пробаат да внесат ред со вашите хаотични мисли. Сите од нив, меѓутоа, значително ќе допринесат до зголемување на продуктивноста и подобра контрола врз материјата која се впива, или предава.
Forest – Оставете го телефонот и фокусирајте се на важните работи. Засадете дигитално семе и не го чепкајте за да порасне во големо дрво. Излезете од апликацијата, и дрвото ќе овене.
Се наоѓаме во време каде зависноста од мобилните телефони е исклучително висока и раздвојувањето од вашиот телефон, дури и на пократок период, знае да биде исклучително болно. Особено кога имате еден куп исклучително важни обврски. Forest е алатка која на одличен начин ве охрабрува да се фокусирате на важните работи и да го занемарите телефонот, барем се додека не завршите со важните обврски. Правете го ова почесто и по неколку недели ќе забележите целосно пошумена дигитална област и одличен доказ за вашата истрајност и дисциплина од која ќе се гордее и најголемиот јоги.
Ученици: Со Forest можете да бидете дел од група и да ги поканите вашите другари да садите дрвја заедно. Можете да се договорите дека секој од вас дома, во наредниот час ќе учи лекција. Доколку некој од вас излезе од апликацијата Forest и проба да го користи телефонот, сите од групата ќе изгубат по едно дрво.
Наставници: Договорете се со учениците и пробајте го горниот експеримент. Направете група и поканете ги вашите ученици од 17:00 до 18:00 сите да садите дигитални дрвја, така што тие ќе го пишуваат домашното, а вие ќе подготвувате дневни планирања. Во случај некој да излезе од апликацијата, нареден час треба да засади вистинско дрво или да части слатки. Ваквата активност им помага на учениците подобро да се зближат со вас, да ја зголемат нивната дисциплина и продуктивност, а вие да подготвите феноменален извештај за еко-проектот кој цела година ви лежи на глава.
Кога ќе засадите дигитално дрво, добивате виртуелни парички. Со нив, можете да „платите“ да се засади дрво во вистинскиот свет.
Pocket – Секојпат кога ќе наидете на интересен текст или видео на интернет, ставете го во дигитален џеб и чувајте го таму се додека не ви притреба
Ученици: Во моменти кога вршите одредено истражување, лесно можете да налетате на сајтови кои можат само да ви наштетат на концентрацијата и моментната активност. Pocket се сместува во горниот, десен агол од вашиот прелистувач и секојпат кога ќе наидете на интересен текст или видео, кликнете на Pocket и страната ќе биде сочувана. Во слободно време, лесно можете да добиете увид во сочуваните работи, прегледно да ги прочитате или изгледате, како и да ги споделите со вашите другари. Pocket е исто така крајно корисен за собирање важни материјали од најразлични сајтови и обединето прикажување од една појдовна точка.
Наставници: За предвидените ИКТ часови, на лесен и брз начин можете да ги сочувате пронајдените материјалите кои сакате да ги споделите со вашите ученици. Ако сочувате една работа, ќе добиете неколку предлози кои се доста слични на сочуваното, со што со создаваат одлични можности за неочекувано пронаоѓање корисни работи. Можете да ги сочувате материјалите на десктоп компјутерот, а потоа до истите да дојдете преку вашиот телефон и таблет. Pocket се грижи да го прикаже само видеото или соодветниот текст, без да ги бомбардира учениците со деконцентрирачки реклами или непотребни елементи кои се пропратни со посетениот сајт, при што фокусот е целосно на она што вие сакате да им го прикажете. Поради ова, значително можете да го забрзате процесот на печатење, како и да заштедите дополнителен денар во процесот.
Google Keep – Феноменален потсетник и чувар на забелешки
Често се наоѓаме во ситуации каде нѝ се наметнуваат бројни, ситни обврски и потребна ви е или страшна меморија или постојано запишување. Патем, знаете како викаат за паметниот и будалата… За среќа, Google Keep памети за да вие не морате. Преку едноставен дизајн, лесно можете да забележите одредена идеја, листа од задачи, како и да снимате аудио или визуелна забелешка во моментот кога ќе се создаде потребата за тоа. Сите забелешки се вметнуваат на врвот од апликацијата и се организирани според бои и наслови.
Ученици: Кога се кажува домашно, можете да го снимате наставникот (доколку ви е дозволено) или да се снимате самите себе си и кога ќе стигнете дома, забелешката самa ќе ви излезе на телефонот, спремна за преслушување, или читање. Покрај тоа што можете да наместите одредена забелешка да се појави кога ќе стигнете на одредена дестинација, можете и да наместите во зависност од времето, односно да ви се репродуцира што имате за домашно, на пример, да бидете известени што имате англиски во 17:00, математика во 17:30, а македонски во 18:10.
Наставници: Утре имате прв час во трето одделение, втор во петто, а трет во четврто одделение. Доколку сте прва смена на работа, можете да наместите во 07:10 автоматски да ви се прикаже дневното планирање и забелешките за часот во третото одделение, а за време на малиот одмор автоматски да се прикаже планирањето и сите забелешки кои се предвидени за вториот час.
Ученици и наставници: Google Keep има опција која ви дозволува да фотографирате каков било документ со камерата од вашиот телефон и автоматски да го извлечете целиот текст од него. На овој начин, не мора да се малтретирате со препишување на целата лекција (ученици) или при позајмување на некои дневно планирање или табела (наставници). Фотографираното се преточува во текст кој дополнително можете да го менувате, односно надополнувате преку, да кажеме word.
Со Google Keep можете како група да работите на еден проект. Да разменувате мисли и да допринесувате кон заедничка изработка, без да мора физички да се собирате кај некого. Сите ваши излагања кон проектот ќе бидат достапни за разгледување до останатите, и обратно.
Како ви се допаѓаат нашите совети? Дали би сакале уште? Дали имате некој друг предлог? Пишете нѝ, или прочитајте за други дигитални помагала во македонското образование.