Летото отсекогаш е било време на инерција во гејмерската индустрија. Многу издавачи го користат годишното време или да ги наполнат батериите или подобро да се подготват за есента – периодот резервиран за најголемите хитови. Но, тоа не значи дека немате ништо интересно за играње сега! Копавме длабоко и широко и откривме три нови игри кои би можеле да ве заинтригираат и да ви понудат исполнителни гејминг сесии, независно од тоа дали сте по RPG, Roguelite, или пак класични авантури!
Doomsday Hunters – 1200 уникатни работи, 160 типови на непријатели и 20 уникатни босови вдомени во визуелно импресивен свет и феноменална музичка подлога!
По долг и исцрпувачки Early Access период, Doomsday Hunters конечно може да се пофали со финалната верзија и е подобра од кога било, особено доколку барате Sci-fi алтернатива на Hades и поразличен тејк на Enter the Gungeon!
Девет годишен продукт на љубов, внимание, трпение, и многу знаење!
На располагање имате десет ликови, а секој од ликовите е еден вид посебна класа која се одликува со уникатно почетно оружје и способности. На непријателите се спротивставувате користејќи по едно главно и споредно оружје. Низ мапите константно ќе наидувате на најразлични оружја. Истите ќе може да ги ставите во торба и лесно да си ги менувате или, доколку не ви ги треба, да ги уништите за да добиете ресурси. Верувале или не, играта крие 1200 уникатни работи што можете да ги земете и искористите за бројни офанзивни и дефанзивни ситуации.
Doomsday Hunters нуди арсенал од оружја кои задоволуваат и од функционална и од визуелна гледна точка. Со огромно задоволство експериментиравме со нив и гледавме што најдобро функционира за run-от во кој се наоѓавме. Паралелно со ова, непријателите се достојни противници кои кријат предизвикувачки и непредвидливи тактики. Ова се должи на нивната импресивна бројка и ќе се соочите со над 160 различни типови непријатели! Во легија од стандардни непријатели, ќе бидете принудени да се спротивставите и на 20 уникатни босови! Во ниеден момент не можевме вистински да се опуштиме бидејќи разноликоста е на импресивно ниво. Бројни непредвидливи сценарија константно ги тестираа нашите рефлекси и воља за понатамошно напредување.
Doomsday Hunters се потпира на процедурално генерирање и секој run е релативно свежно искуство кое се разликува од претходното, како во поглед на мапите, така и во поглед на непријателите. Откако ќе исчистите одредена област од непријатели, обично ќе бидете соочени со избор – дали да ја отворите кутијата или пак да ја вратите и да добиете валута за трајна надградба која е активна низ секој run. Често ќе наидувате и на впечатливи ликови кои ќе ви продаваат работи за олеснето понатамошно напредување. Слично со кутиите, и ликовите ќе можете да ги спасите за да ја добиете валутата која ви помага за трајни бенефити.
Doomsday Hunters има прекрасен дизајн на мапите и одлична музичка подлога, со богати и разнолики звучни ефекти. Секој аспект од играта сведочи за квалитет кој комотно може да стои раме-до-раме со култните класици како Bastion, Hades, или Enter the Gungeon. Доколку барате предизвикувачки roguelite кој знае како да го надгради секој ваш напредок и да пружи забава во најчиста форма, тогаш Doomsday Hunters e задолжителна лектира за оваа лето.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Moregames
- Издава: Moregames
- Жанр: Twin stick шутер, roguelite
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 20 јули 2023
Оценка
- Вкупна оценка: 9
- Приказна: 7
- Гејмплеј: 10
- Графика: 9
- Звук и музика: 10
Hammerwatch II – Акциона RPG игра со детален свет и уникатни можности за hack and slash пресметки
Мислењето за Hammerwatch II е поделено и, моментно, играта ужива 70% позитивни рецензии на Steam, но тоа никако не би требало да ве спречи да уживате во чедото на Crackshell! Доколку сте фанови на Diablo, но од ретро перспектива, тогаш Hammerwatch II e запрепастувачки огромна авантура во која можете да навлезете сами или со пријатели.
Солидна RPG игра во Pixel Art опкружување
Приказната нема да освои никакви награди и повеќе служи за градење почетна наративна основа за богатиот свет кој ве опкружува. Но, пред и да помислите да започнете со истражување и акциони hack and slash пресметки, потребно е да одберете една од уникатните класи. На располагање една од пет класи. Сите од нив се играат на различен начин, со серија од уникатни способности, магии и арсенал од оружја.
Во Hammerwatch II целта е да станете што е можно посилни преку истражување бројни зандани, уништување легија од непријатели и собирање плен. Триве клучни работи се мајстроски врзани преку бројни квестови расштркани низ огромен и детален свет. Битките се релативно едноставни; нема никаква наука зад нив и се се сведува на тоа да сте посилни од непријателите за да можете да имплементирате еден од три понудени напади. Босовите се сосема друга приказна и значително можат да ве измачат, особено доколку играте сами.
Понекогаш, се здобивме со впечаток дека Hammerwatch II не го баш почитува нашето време и знаеше да не вовлече во трансови на долго лутање и барање излези кои никако да се појават. Лошо дизајнираната мапа во комбинација со pixel art графика не пружаат добри хинтови за скриените места и често се наоѓавме во ситуации како се ѕвериме во екранот и ловиме пиксели, надевајќи се дека на среќа ќе го откриеме излезот.
Hammerwatch II знае да биде забавна игра, но забавата првенствено лежи во бројката и вољата на вашите пријатели да играте заедно. Соло, играта може брзо да изгуби од нејзината првична привлечност, но доколку имате неколку другарчиња, играта е интересна опција за впечатливи hack and slash активности!
Повеќе детали за играта
- Произведува: Crackshell
- Издава: Modus Games
- Жанр: Hack and slash, co-op, RPG
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 15 август 2023
Оценка
- Вкупна оценка: 8
- Приказна: 6
- Гејмплеј: 8
- Графика: 8
- Звук и музика: 10
Creepy Tale: Ingrid Penance – Патот до пеколот е поплочан со лоши намери
Creepy Tale: Ingrid Penance е авантура која од денеска конечно се појавува и за конзолите. Неколку дена се дружиме со неа на PS5 и можеме да потврдиме дека се работи за порт кој е достоен на PC верзијата. Како впечатлива, но длабоко вознемирувачка авантура, Ingrid Penance целосно ги оправдува 95% позитивните Steam рецензии на гејмерите. Доколку и пристапите со отворен ум, ќе наидете на хорор искуство полно со бизарни настани, но и предизвикувачки загатки.
Да се биде лош или навистина лош?
Ингрид не е ништо повеќе од размазено и умислено девојче, до тој степен да без проблем гази на леб само за да не си ги извалка чевлите. Ова се чини како последната капка – ултимативниот грев кој ја каталпултира Ингрид директно во пеколот и ја остава да се соочи со морничави суштества на проколнатото подземје.
Приказната влече силна инспирација од делата на Ханс Кристијан Андерсен и браќата Грим за да ја вовлечат Ингрид во навидум безизлезни ситуации. Но, и покрај се, девојчето, со ваша помош, секако, ќе покаже исклучително висока интелигенција во решавајќи бројни загатки. Поголемиот дел од загатките се логични и релативно брзо би можеле да дојдете до замисленото решение, но некои и тоа како знаат да ја тестираат и вашата интелигенција и вашиот праг на толеранција, особено доколку сакате да земете одредени трофеи (достигнувања). Во ретки моменти на фрустрација, бевме во силно искушение да ја исклучиме играта, но интригантната приказна и одличните актерски способности, заедно со шармантната графичка изведба, никако не сакаа да ни дозволат да се предадеме.
Creepy Tale: Ingrid Penance е игра која се заснова на одредени избори што ги донесувате. Во зависност од тие избори, ќе добиете и соодветен крај. Играта е релативно кратка, а квалитетната изведба го олеснува секое наредно преигрување и експериментирање, дали за да добиете некој друг крај или пак за да пробате да освоите некое достигнување кое претходно било заклучено. Како и да е, Creepy Tale: Ingrid Penance е квалитетна и уникатна авантура со невообичаена приказна, харизматични ликови и прекрасен визуелен стил.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Creepy Brothers
- Издава: Creepy Brothers, Silkey Games
- Жанр: Авантура, загатки, нарација, хорор
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 16 август 2023
Оценка
- Вкупна оценка: 9
- Приказна: 9
- Гејмплеј: 9
- Графика: 9
- Звук и музика: 9
Добри игри? Лоши? Како и малата Ингрид, донесете одлука и кажете ни во коментарите!
Тоа беа трите игри кои ги ископавме за вас. Уживавме во секоја игра и се што сакаме е и вие да уживате во нив. Доколку имавте поразлично искуство, дефинитивно кажете ни во коментарите. Или, пак, кажете ни што вие планирате да играте неделава или пак што би ни на нас препорачале! :)