Порано или подоцна, ќе биде потребно да испратите бројни фотографии, видеа или слични мултимедијални фајлови. Проблемот при испраќање мноштво вакви работи е тоа што често сте ограничени со просторот и, повеќето и-мејл сервиси и социјални мрежи нема да ви дозволат да префрлите, пример фотографии од 100MB. За такво нешто, се препорачува да се искористат потенцијалите на некој надворешен сервис. Во оваа прилика, разгледуваме три исклучително познати и квалитетни сервиси, првенствено осмислени да ви дозволат да споделувате огромни фајлови.
3. WeTransfer
Еден од најпознатите сервиси се чини дека сѐ уште не е спремен да се разбуди од зимскиот сон. Иако се работи за алатка која е исклучително лесна за користење, скоро секој друг сервис нуди подарежливи услуги. Имено, со WeTransfer можете да споделувате фајлови кои не смеат да се „потешки“ од 2GB, a истите можете да ги споделите со само три различни и-мејл адреси, доколку се решите да не го копирате рачно и споделувате линкот. Бесплатната верзија не нуди можности за дополнителна заштита со лозинка. За било какви компромиси и благодети, потребно е запознавање на сервисот со вашата кредитна картичка.
2. SendGB
Солидна алатка преку која можете да поставите фајл(ови) со големина до 4GB. Поставените фајлови, чиј број не може да биде над 500, потоа можат да се испратат на до 20 и-мејл адреси, или пак да се генерира линк кој подоцна го испраќате на онолку контакти колку што сакате. За жал, доколку сакате да испратите над 500 фајлови одеднаш или над 4GB, ќе останете со празни раце. Како целосно бесплатен сервис, кој го остварува поголемиот дел од профитот преку рекламирање, SendGB нема платежна опција за надминување на горе-споменатата граница. Податоците кои ги поставувате и споделувате можат да бидат заштитени со лозинка, а можете и да наместите датотеката автоматски да се уништи штом последното лице од листата ја преземе. По седум дена, сите поставени податоци автоматски се бришат.
1. Smash
Овој сервис за споделување големи фајлови е релативно нов на пазарот, но плени со бројните флексибилни можности кои во секој поглед ги засенуваат претходните две. Во поглед на големината на поставените фајлови немате ограничување, но доколку, како бесплатен корисник, решите да поставите нешто што е поголемо од 2GB, ќе бидете ставени во втор план, а предност ќе биде даден на претплатниците. Поради тоа, фајл од 4GB би можел да се поставува нешто повеќе од еден час. Втората добра работа е тоа што поставените фајлови можат да се презема кога било во наредните 14 дена. За споделените фајлови, можете да поставите лозинка, или пак да бидете известувани секој пат кога некој ќе го преземе фајлот. Оние кои ќе решат да се претплатат за 12 евра месечно, или 72 евра годишно, нема да бидат ставани во втор план и побрзо ќе можат да споделуваат податоци, а ќе имаат и можност за поставување најразлични позадини, како и оставање лични пораки до сите контакти за преземање.
И уште три други сервиси за споделување големи податоци:
pCloud Transfer – дозволува споделување податоци до 5GB
SendTransfer – дозволува споделување податоци до 10GB
Filemail – дозволува споделување до два фајлови дневно, но со големина до 50GB