„Нема апсолутистички поглед на ова“, вели претседателот на САД, Барак Обама, на South by Southwest. „Доколку вашиот аргумент е силно криптирање без разлика какви се последиците, а ние може, и треба, да креираме од телефоните црни кутии; тогаш мислам дека ова не е истиот баланс во кој живеевме последните 200-300 години, и прави фетиш од нашите телефони над сите други вредности.“
Обраќањето на претседателот се однесува на корисниците, но и на Apple, кој одбива да соработува за законодавците во САД. Советот кој претседателот им го дава на компаниите како Apple, Google, Facebook е да соработуваат со владата, наместо да им ги оставаат овие прашања на претставниците во Конгресот. „Технолошкиот напредок ни овозможува најразлични можности, но истовремено е и диструптивен. Технологијата овозможува да правиме работи за кои и не сме сонувале претходно, но и им овозможува на многу опасни луѓе, да шират опасни пораки“, додава г.Обама.
Покрај предупредувањата од FBI и г. Обама, најголемите компании, Google, Facebook, WhatsApp работат на зголемено криптирање и податоците, пренесува Guardian. WhatsApp најавува дека освен пораките работи и на криптирање и телефонските разговори, а Fаcebook најавува дека ќе ја зголеми безбедноста и на Messenger. Поголема безбедност и приватност на пораките најавува и Snapchat, a Google најави подобро криптирање на имејлот.
Сепак, најголем дел од овие компании ќе бидат погодени доколку биде воспоставен преседан во процесот кој го води Федералното истражно биро против Apple. Поддршката до компанијата од Купертино пристигна од сите колеги, кои сепак можеби се позагрижени за својата судбина, отколку за казната на Apple.