Лук Банистер има само петнаесет години, но тој е новиот шампион на Dubai World Drone Prix. Настанот е првиот глобален натпревар во пилотирање со дронови, а на него учествуваа над 150 тимови. Tинејџерот леташе за тимот на Tornado X-Blades кој ја освои наградата од 250.000 долари. Во финалното друштво имаше место за 32 учесници, а во претходните квалификации учествуваа околу 150 натпреварувачи.
Можеби далеку поважно е дека настанот се искористи за промоција и за најава на светскиот шамионат во пилотирање со дронови кој започнува во декември 2017 година. Во овој натпревар наречен World Future Sports Games ќе се одржуваат робо-натпревари во пливање, трчање, борење и возење автомобили, јави San Diego Union Tribune.
„Се обидуваме да ја донесеме иднината поблиску до нас“, вели Мохамед ал-Герави, министер во владата на Обединетите Арапски Емирати, кој се надева дека презентацијата во Дубаи ќе биде доволна да покаже колку атрактивен може да биде спортот на иднината. Настанот намерно беше организиран во текот на вечерта за гледачите да можат да ги следат леталата кои беа одбележани со флуоресцентно светло. На истиот начин е одбележана и патеката.