По неколку месеци поминати во тестови, Facebook е подготвен да ја презентира новата алатка за рекламирање Canvas. Canvas е креиран за паметните уреди, поточно оние корисници кои ја користат мобилната апликацијa на Facebook. Она што го овозможува Canvas е создавање на нов вид реклами кои ќе и овозможат на социјалната мрежа зголемена заработка од мобилните платформи. Со оглед на тоа дека иднината ѝ припаѓа на поврзаноста секогаш и секаде, Facebook има одличен план, иако можеби и премногу се потпира на апликацијата.

Намерата зад Canvas е да се понудат подобри интерактивни реклами кои ќе го задржат вниманието на корисниците. Canvas овозможува креирање на мини веб-страници директно во апликацијата, кои се отвораат 10 пати побрзо од стандардните мобилни реклами. „Првите тестови на Canvas покажаа дека корисниците всушност сакаат да ги прегледуваат рекламите. Дури 53 отсто од корисниците кои го отвориле Canvas разгледале половина од него, а во просек се задржале 31 секунда. Најдобрите Canvas реклами се разгледувани околу 70 секунди“, пренесува Techcrunch.