Креаторите на првата македонска хорор видеоигра повторно ќе се обидат преку краудфандинг да соберат пари за да ја завршат својата игра. Поучени од претходниот обид, тимот составен од шестмина млади програмери и дизајнери претстави демо со кое ќе може да се тестира играта. Wounded е проект на македонското инди студио Workbench Entertainment, водено од Бојан Веселиновиќ, Сергеј Спировски и Тимоти Глигоров, а на нив им се придружија во помош Васко Атанасовски, Горан Граорковски и Николај Јанушев, како домашна поддршка.
Кампањата е веќе започната на Kickstarter и за нејзино успешно реализирање потребно е да се соберат повеќе од 15.000 евра. За возврат првите 1.000 поддржувачи ќе добијат копија за играта. Она што е многу поважно за разлика од првиот обид за собирање пари, е што сега заинтресираните вложувачи ќе можат да го преземат демото и да ја пробаат Wounded. Демото и социјалните мрежи засега се единствен начин за маркетинг, а благодарение на GameJolt и Youtube играта има околу над 120.000 прегледи, велат креаторите.
Но, што е сменето од претходната верзија? Најпрво на тимот му се приклучија повеќе луѓе помеѓу кои Џонатан Вачроу, аудио дизајнер од Outlast, Assassins Creed, Watch Dogs, Batman Arkham Origins, етаблирано име со повеќе искуство кое значи многу за инди-краторите кои се обидуваат да се издвојат од купот проекти. Речиси сите сцени во играта се сменети, а подолу може да ja видите разликата помеѓу двете верзии. „Сега имаме целосно нова игра од тогаш. Сите сцени се сменети, имаме целосен тим, а најголема промена ни беше што се нафати Џонатан да ни помогне што уште никој не сме свесни како дојде до таа среќа.“ вели Васко Атанасовски.
Во Wounded веќе знаат како ќе бидат распределени средствата кои ќе бидат собрани во кампањата, а најважно им е да се раздолжат со сите кои им помагаат. Иако финансиите се придобивка од групното вложување која е најлесна да се забележи, тие не се единствена придобивка. Заедницата околу овие игри е поактивна, не само при нивната промоција, туку и со идеи и со разговори со развивачите.







