Alfred е стартап кој во 2014-та година го стартуваа две студентки на Харвард, Марсела Сапоне и Џесика Блек, кои во текот на студиите бараа помош за секојдневни обврски, како перење на алишта или купување производи. Тие најмија жена од огласувачот Craiglist да им ги завршува дневните обврски, така што неколку години подоцна оваа идеја прерасна во компанија која е профитабилна уште од првиот ден, пишува Business Insider
Компанијата вработува луѓе кои се подготвени да ги завршат оние секојдневни обврски, како купување намирници, средување на пошта, испорака на пакети, перење и пеглање и други работи што не сакаме да ги правиме. „Уште кога се преселивме во Њујорк донесовме одлука за која едвај ги убедивме инвеститорите. На крај се согласија со нас дека нема да работиме со муштерија ако Alfred не е профитабилен. Секој дел од нашиот бизнис беше само-одржлив“, вели г-ѓа. Сапоне.
Компанијата сега има илјадници корисници, иако на самиот почеток планот беше за создавање на далеку помал бизнис. Првите 10 корисници дојдоа во сервисот преку реклами од врата на врата, а денес стотици „алфредовци“ им помагаат на илјадници корисници. За услугата се плаќа 32 долари неделно, плус парите за намирници. Годишно корисниците во просек плаќаат 4.980 долари, а само во првата година Alfred заработи 1,5 милиони долари. До сега Alfred собра дополнителни 12 милиони долари од инвеститори за да се прошири во во Менхетен, Бруклин, Бостон и наскоро стартува во Лос Анџелес и Сан Франциско.
„Наликува на достава за млеко. Еден човек оди и врши едноставни задачи за сите во исто време. Како млекар кој посетува една населба, ги собира празните шишиња и доставува млеко“, додава г-ѓа Сапоне.