Порано, пред флексибилноста наметната од интернетот и можностите за онлајн учење не беше доволно само да имате воља за учење. Среќа што денеска работите се значително поразлични и, доколку посакувате интелектуална надградба, навистина немате никаков изговор. Илјадници курсеви од најразлични области преколнуваат за вашето внимание; се што е потребно е имање барем малку воља, особено со веб сајтот кој имаме да ви го препорачаме денеска!

Edx.org има на располагање над 4000 курсеви од најразлични категории, почнувајќи сo архитектура и уметност, движејќи се преку компјутерска наука, јазици и математика, па се до медицина, физика и филантропија!

Откако ќе изберете одреден курс, ќе бидете информирани за тоа колку ќе трае курсот, по колку часа ќе биде потребно да одвојувате на неделно ниво и која е цената. За голем број од курсевите цената е бесплатна, но, а ова е големо НО, по завршување на курсот нема да добиете сертификат и материјалите кои ви биле дозволени за учење ќе бидат повлечени.
Згора на ова, задачите кои ќе бидат давани за сработување нема да бидат прегледувани од стручните лица. Паралелно со ова, некои курсеви може да исфрлат одредени елементи за бесплатните корисници, но тоа е јасно потенцирано пред започнување на курсот. За целосно уживање во сите овие предности потребно е финансиска посвета од, обично, 100 долари – нешто што никако не препорачуваме, барем не веднаш. Она што би ве советувале е да си одберете курс, да започнете да го слушате и само доколку апсолутно сметате дека ви е потребен сертификатот и материјалите, тогаш да почнете озбилно да размислувате за можна претплата.

Како и да е, откако ќе кликнете на копчето Enroll, ќе можете да навлезете во засебните оддели од курсот, како и сите важни датуми за тоа кога се појавуваа лекциите и до кога можете да бидете сертифицирани, доколку сакате, се разбира. На горната страна имате пристап до други јазичиња преку кои гледате колку сте напреднале низ курсот, како и доколку сакате да започнете одредена дискусија. За подобра мотивација, можете да си зацртате одредена цел, односно дали ќе се посветите на курсот еднаш, трипати или петпати неделно (наводно се работи за психолошки трик кој ќе ве потсвесно (и преку имејл) охрабрува да се навраќате на ветеното).

Start course и започнувате со учењето! По првичното запознавање со инструкторот и основните објаснувања за тоа како функционира целиот курс, можете да започнете со впивање на предвидената материја. Во ситуации на видео предавање, од десната страна на видеото добивате и транскрипција која можете и да ја преземете како txt документ. Низ лекциите она што навистина помага се бројните коментари од останатите ученици кои споделуваат нивни искуства и мислења за лекцијата.

Се надеваме ви се допадна она што го прочитавте за сајтот и дека во првата прилика ќе го посетите и ќе одберете курс кој ќе ве научи нешто ново! Пријатно учење!







