Започнаа првите тест возења на автомобили со трето ниво на автономија

Avatar img-thumbnail img-circle

во Вести, Хардвер

Пред неколку дена Mercedes-Benz објави дека е првиот производител на автомобили кој ќе започне да тестира 3-то ниво на автономија на своите возила. Неофицијално компанијата го објави ова на CES на почетокот на јануари, но официјално објавија дека започнуваат со тестови минатата недела.

Технологијата ќе ги има првите тестови на улиците на Невада, и тоа со повеќе ограничувања. Брзината мора да биде под 64 km/h (40 mi/h), а возач постојано мора да биде присутен на возачкото седиште. Возачот треба биде подготвен да преземе контрола, но не мора активно да ја следи состојбата во сообраќајот.

„Законот во Невада дозволува сите нивоа на автоматизација да се користат на јавните патишта. Невада не издава никаква дозвола или лиценца врз основа на нивото на автоматизација на автономното возило“, вели портпаролот на Одделот за моторни возила на Невада.

Drive Pilot на Mercedes-Benz веќе ги имаше првите тестови во контролирани услови. Производителот минатата година тестираше на затворена патека во Германија.

Автономното возење се активира на воланот

Почеток на тест возења на возила со трето ниво на автономија е значителен исчекор. Во ова ниво на автономија не е потребна интеракција од луѓето. Во второ ниво на автономија, возачот мора да има контрола врз возилото дури и кога системите се активирани. Третото ниво на автономија значи дека кога компјутерот ќе преземе контрола, возачот може де престане да ја следи состојбата на патот. За разлика од четврто ниво на автономија, тука возењето е низ секојдневен сообраќај, но Mercedes најави дека ќе прави ограничување кога системот ќе биде активен, во зависност од бројот на возила.

Во минатото повеќе производители ветуваа дека наскоро почнуваат со производство или тестови, но досега тоа не се случило. Tesla од 2018 година ветува дека нивниот авто-пилот е подготвен, Ford во 2016 најави дека во 2021 ќе го издаде првиот автомобил со 4-то ниво на автономија.

За 2023 тестови на 3-то ниво на автономија имаат најавено и Hyundai и Kia. Двете компании најавуваат дека првите потполно автономни возила би можеле да се појават на улиците во 2030 година. На слична технологија работат сите поголеми производители. Ford, Tesla, Audi, BMW, Volvo се само дел од нив.

Дел од компаниите како Waymo сметаат дека сообраќајот е премногу непредвидлив и поради ова работат на четврто ниво на автономија, во строго контролирана средина.

6 нивоа на автономија

Концептот за автономни возила не е нов и постои десетици години. Наједноставно е објаснет како капацитет на возилото да вози самостојно без човечко влијание и контрола. Сепак последниве десетина години технологијата е доволно напредна за да може да ја направи фантазијата реалност. Производителите на возилата ветуваат дека повисоките нивоа на автономија ќе донесат значително побезбедни патишта, поголема ефикасност и поради ова намалена емисија на гасови. Дополнително ова треба да овозможи и покомфорно искуство при возењето, пред сè на подолго растојание.

Автономните возила се овозможени од напредокот во повеќе различни сегменти. Производителите сега имаат пристап до подобри сензори, камери, GPS, и најважно алгоритми за машинско учење.

Автономијата е поделена на 6 нивоа, со тоа што основното, 0-ниво практично значи дека возилото нема никаква автономија. Разликата помеѓу нивоата на автономија не е во можностите на возилото, туку во улогите кои ги имаат возачот и возилото.

Накратко, во првите три ниво на автономија возачот треба да вози дури и кога компјутерот му помага. На пример, може да ги тргне нозете од педалите, или автомобилот може да асистира со префрлање од една во друга лента, но целосна контрола во текот на возењето е во рацете на човекот. Од трето до петто ниво на автономија, кога функционалноста е активна, возачот нема влијание врз возењето, иако може да биде на возачкото седиште. Во трето ниво на автономија може да биде потребно возачот да преземе контрола, но повисоките нивоа немаат потреба од интеракција.

Нулто ниво

Возило без никакво ниво на автономија. Голем дел од автомобилите се со ова ниво на автономија. Примери на функционалности кои може да бидат достапни во овие возила се: автоматско сопирање за итни случаи; тревога за слепа точка; предупредување при напуштање на коловозна лента.

Прво ниво

Возила со еден автоматски систем. На пример можност за управување на брзина со „cruise control“.  Дел од функционалностите кои можат да присутни во овие возила се автоматско прилагодување на брзината или автоматско центрирање на лента.

Второ ниво

Возилото доаѓа со напредни системи за асистирање во возењето (ADAS). Освен константна брзина возилото може да му помогне на возачот и со управувањето, забавување, забрзување, асистирање за останување во лента и слично. Сепак најголем дел од задачите се во рацете на возачот и возачот мора постојано да има контрола врз возилото. За разлика од првото ниво на автономија, автоматско прилагодување на брзината и автоматско центрирање на лента може да се користат истовремено.

Речиси сите производители на возила имаат развиено второ ниво на автономија. Tesla го има Autopilot; Audi, Traffic Jam Assist; GM, Super Cruise; BMW, Extended Traffic Jam Assistant; Ford, Blue Cruise; Hyundai, autonomous driving package.

Трето ниво

Компјутерот на возилото може сам да носи одлуки. Возилото може да преземе контрола за да избегне сообраќајна незгода, може да одбере помеѓу забавување и запирање и промена на лента и забрзување. Автомобилите со трето ниво на автономија можат во одредени услови да возат без асистенција од луѓето. Автономното возење не може да се активира ако не се исполнети минимални услови за автономија. Пречки за активирање би можеле да бидат лоши услови на патот или намалена видливост. Кога возилото ќе побара, мора да има возач кој ќе преземе контрола.

Последица на потполната автономија е што ако во овој случај има сообраќајна незгода, виновен е производителот на возилото.

Четврто ниво

Возилото е потполно способно за управување и возење без човек. Возилото може да го однесе патникот на посакуваната дестинација, но возењето мора да биде на безбедна локација. Во автомобилите со четврто ниво на автономија педалите и воланот не мора да бидат инсталирани. Сепак за возење мора да бидат исполнети некои предуслови, и вообичаено се вози во затворени зони за сообраќај. За овие возила е потребно гео-оградување.

Петто ниво

Потполна автономија. Возачот е непотребен, автомобилот нема волан и педали. За возење е потребно да се внесе единствено крајната дестинација. За разлика од четвртото ниво на автономија, ова ниво може да вози било каде, и во било кои услови. Ентериерот на автомобилот е креиран за поголема удобност.

Придобивки од автономни возила

Веројатно најголема придобивка од автономните возила е ветувањето за помал број на сообраќајни незгоди. Засега ова не е остварено. Автономните возила имаат 9,1-на сообраќајна незгода на 1 милион километри. Ова е над два пати повеќе од луѓето возачи за кои оваа бројка е 4,1.

Автономните возила возат полошо во случаи кои ретко се случуваат во реалноста, па системот не можел да биде трениран на ова. Дополнително временските услови имаат влијание врз сензорите и системите на возилото. Добра вест е дека бројот на сериозни повреди во сообраќајните незгоди во кои учествуваат автономни возила, е значително помал.

Жртви на автономни возила

Досега има 6 жртви на сообраќајни незгоди во кој авто-пилотот управувал со возилото. Дополнително жртви се и два пешаци во кои удрило возило.

Прва жртва на автономно возило е Џошуа Браун кој загина во Флорида. Џошуа беше зад воланот на Tesla Model S со автономно управување кога сензорите не успеаја да препознаат камион. Автомобилот удри во камионот. Како последица на сударот Џошуа загина.

Прв пешак кој е жртва на автономните возила е Елејн Херзберг, која загина во сообраќајна незгода на 18 март 2018. Тест возилото на Uber во автономен режим ја удри 49-годишната жена во Темпи, Аризона. Елејн надвор од пешачки премин минувала улица. Системот на возилото не реагирал, а возачот на возилото не преземал контрола на време.

Она што сепак не може да се негира е дека автономните возила сѐ уште се во фаза на развој. Производителите на автономни возила велат дека бројката од 9,1-на сообраќајна незгода е заснована најмногу на сообраќајни незгоди од раните тестови; Денес оваа бројка е значително помала. Автоматското управување во целост ќе ги отстрани најчестите причини за сообраќајни незгоди, недостаток на внимание или замор на возачот.

Покрај споменатите придобивки, како побезбедни патишта, намалено загадување, најголема придобивка од автономните возила е зголемената достапност за луѓето кои не можат да возат. Тука секако спаѓаат луѓето без возачка дозвола, но и децата, повозрасните или инвалидите. Автономните возила ќе им овозможат да патуваат каде што сакаат без да мора да се потпираат на пријателите, семејството или да користат јавен превоз.

Дополнително за сите кои имаат чести и долги патувања, автономијата може да го намали стресот и да го направи патувањето поудобно.

Придобивки има, но има и предизвици

Покрај сите придобивки на автономните возила, постојат и проблеми за развојот и употребата на автономни возила. Еден од најголемите проблеми е обезбедување на доверливост и безбедност кај автономните возила. Тука се и етичките прашањата од типот „Кој е виновен ако автономно возило предизвика сообраќајна незгода?“ и „Како се носат одлуки за безбедноста и ризикот?“.

Интересно дури 50% од луѓето кои се запознаени со технологијата не се чувствуваат безбедно во автономно возило. Дури 23% од луѓето се загрижени дека автомобилот би можел да биде хакиран, покажува истражување од 2016 година.

Дополнителен проблем за автономните возила е нивната интеграција во постоечкиот сообраќај. За ова, ќе бидат потребни подобра инфраструктура, нови законски решенија и стандарди со кои ќе се обезбеди безбедно и ефикасно возење на автономните возила на патот.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk