Microsoft ја претстави првата надградба на конзолата Xbox One. Станува збор за двојно зголемување на хардискот на 1TB, иако без сомневање од Microsoft ќе остават некое изненадување за Е3, најголемиот саем за видеоигри и се поврзано со нив кој ќе се одржи за помалку од една недела.
Покрај поголемиот простор конзолата доаѓа и со нов бежичен контролер кој има приклучок за слушалки, во претпродажба конзолата доаѓа со подарок Halo: Master Chief Collection. Конзолата пристига на 16-ти јуни и ќе биде достапна за 400 долари, ова значи дека цената на актуелниот модел ќе биде намалена и ќе биде 350 долари.
Токму повеќе простор за новите игри е едно од најчестите барања од корисниците, велат од Microsoft. Новиот контролер е можеби изнадување, но секако добредојдено. Покрај приклучокот за слушалки на контролерот е поставена контрола на звук и „mute“-копче, а преку контролерот ќе може да се нагоди и микрофонот, и односот помеѓу гласот и аудиото на игрите. Новитет е и можноста за надградба на firmware-от на контролерот преку WiFi.
Конечно од Microsoft најавија дека работат на Xbox бежичен адаптер, кој ќе овозможи Xbox контролерот да се користи на сите Windows 10 компјутери. Адаптерот наликува на USB-стик и ќе чини околу 25 долари или во пакет со контролерот ќе бидат достапни за 80 долари. Засега нема официјална дата за почеток на продажбата на адаптерот, но од Microsoft велат дека ќе биде достапен наесен.