World War Z е квалитетна ко-оп акциона игра која пали и жари уште од 2021-та година. Најновото проширување за кооперативниот шутер на Saber Interactive носи долгоочекуван пресврт во вообичаената формула на играта. Дали да му посветите внимание?

Наместо стандардните, брзи и агресивни зомби противници на кои сме навикнати во World War Z, The Walking Dead DLC-то го менува темпото така што ги воведува препознатливите Walkers, инспирирани од серијалот The Walking Dead. Тоа што се побавни, меѓутоа, никако не ги прави помалку смртоносни, особено кога се комбинираат со новите специјални непријатели познати како Spiked Walkers.
Новите противници воведуваат тактичка промена во борбата од блиску така што стануваат имуни на удари со ладно оружје додека стојат. Поради тоа, морате прво да им нанесете доволно штета за да ги соборите на земја, а потоа да ги елиминирате, пред повторно да станат. За да успеете во таквата цел, на располагање имате и две нови иконски оружја за блиска борба. Едното оружје е катаната на Мишон, а другото е палката Лусил, на Ниган. Како огромни фанови, посебно задоволство е да се видат и користат овие оружја во World War Z, дозволувајќи ви максимално да уживате во секој удар.

DLC-то ве става во улогите на легендарните ликови Рик Грајмс, Дерил Диксон, Мишон и Ниган, водејќи ве низ три нови поглавја сместени на добро познати локации. Од затворот и сигурната зона во Александрија, па сè до болницата Грејди Меморијал, кампањата се обидува максимално да ја пренесе атмосферата на телевизиската серија во WWZ. Локациите се верно пресоздадени и надополнети со скинови за револверот на Рик и самострелот на Дерил. И покрај ангажманот на оригиналните актери како Ендрју Линколн и Норман Ридус, дијалозите често звучат повторливо и монотоно, што може брзо да стане иритантно за време на подолги сесии на играње.

Сè на сè, World War Z x The Walking Dead е компактен пакет кој може да се комплетира за околу час – два на стандардна тежина. Иако нуди интересни нови механики со побавните непријатели и оклопните Spiked Walkers, краткотрајноста на трите епизоди и проблемите со репетитивната гласовна глума може да ги одвратат оние кои бараат подлабоко искуство. Ова е додаток кој првенствено ќе им се допадне на најверните љубители на двете франшизи кои сакаат да видат како овие два пост-апокалиптични света функционираат заедно, но никако не треба да се очекува револуција во основниот гејмплеј.







