Wonder Boy: Asha in Monster World е игра која, всушност, претставува целосна и модерна преработка на култниот класик Monster World IV од 90-тите години. Играта, која е направена од страна на оригиналниот креативен тим, ве вовлекува во авантурата преку која ја следите Аша, млада и храбра воинка која, заедно со нејзиниот верен придружник, тргнува на епско патување за да го спаси својот свет од мистериозната темнина што му се заканува.

Иако Wonder Boy: Asha in Monster World е излезена за Steam поодамна (2021), играта неодамна стана достапна за PS5, Xbox Series X|S, и PC (преку Microsoft Store)
Игра и соработка
Нема никакво сомневање дека Wonder Boy: Asha in Monster World е шармантна акциона игра со side-scrolling дизајн. Нудејќи лесна, забавна и интуитивна игра, ќе навлезете во брза и динамична акција која е дизајнирана да биде пристапна за сите играчи. Доколку сте помалку трпеливи, ќе наидете и на корисна механика која ги олеснува неуспесите така што ви дава инстантно да пробате одново.
Клучниот елемент што ја издвојува оваа игра е уникатната соработка помеѓу Аша и нејзиниот придружник – Пепелогу. Слаткиот придружник се наметнува како интегрален дел од решавањето на загатките и надминувањето на пречките. Имено, Аша може да го повика Пепелогу, да го зграби за да лебди низ воздухот, да го користи како штит или дури и да го фрли за да активира недостапни механизми. Оваа синергија додава длабочина на играта и ве поттикнува креативно да размислувате за да ги надминете предизвиците.




Интересен свет
Светот на играта е огромен и исполнет со разноликост. Авантурата ќе ве одведе низ најразлични предели – од високи планини и активни вулкани, до ледени предели, па дури и во истражување на огромните небесни широчини. Секое ниво е дизајнирано со внимание на детали и нуди уникатни предизвици и непријатели. Покрај главната приказна, светот е полн со скриени тајни, неочекувани средби и настани кои ве преколнуваат да ги откриете. Со поттикнување истражување, лесно ќе се наоѓате себеси како радосно се навраќате на веќе поминати нивоа само за да пробате да откриете нови корисни предмети.
Како што напредувате, се соочувате со сè посилни непријатели и посложени предизвици. За да се подготви за овие тешкотии, Аша може да се зајакнува преку собирање на горе-споменатите различни предмети и опрема. Со надградба на нејзиниот меч и штит, таа ги подобрува своите напаѓачки и одбранбени способности, што е клучно за успехот во битките со помоќните босови.

Наследството на оригиналниот тим
Еден од најважните аспекти на овој римејк е фактот што зад него стои оригиналниот тим од студиото Westone Bit Entertainment. Проектот е воден и режиран од креаторот на серијалот Wonder Boy, Рјуичи Нишизава, поддржан од Шиничи Сакамото за звукот, Маки Озора за дизајнот на ликови и Таканори Курихара за креативниот менаџмент. Нивната вклученост гарантира дека играта останува верна на духот на оригиналот, со модернизирана визуелна презентација и подобрен звук, но со зачуваното чувство и шарм што го направија Monster World IV безвременски класик.

Wonder Boy: Asha in Monster World е повеќе од обичен римејк и по кратко играње ќе видите дека се работи за дело создадено со љубов и почит кон оригиналот. Играта успешно ги комбинира класичните платформерски елементи со модерни подобрувања, нудејќи волшебна авантура која ќе ги воодушеви и долгогодишните фанови и новите играчи. Со својата прекрасна графика, шармантни ликови и забавна механика, ова е игра што не би требало да се пропушти.







