WhatTheStack 2026 собра над 1.000 посетители во Скопје

0 коментари 2 мин. читање

Третото издание на WhatTheStack се одржа од 14 до 19 септември 2026 година и привлече над 1.000 посетители. Програмата опфати осум настани, од специјализирани предавања и практични работилници до главниот конференциски ден, кој се одржа на 19 септември на Техничкиот кампус на УКИМ.

Главниот ден за првпат се одвиваше на пет паралелни сцени. Пред публиката настапија повеќе од 40 домашни и меѓународни предавачи, меѓу кои Гералд Верслуис од Microsoft, Елена Колевска од Redis, Александар Лихтер од VoidZero и Nuxt, Сантош Јадав од CodeRabbit и експертката за веб-безбедност Рамона Шверинг. Своето знаење го споделија и познати имиња од домашната технолошка заедница, меѓу кои Игор Трајковски, Векослав Стефановски, Стефан Андонов, Бојан Јакимовски, Душко Клинчаров, Мирослав Јанеска и многу други.

На сцените се зборуваше за вештачка интелигенција, софтверска архитектура, веб-технологии, инфраструктура, сајбер-безбедност и инженерска култура. Разговорите продолжија и по предавањата, во изложбениот простор, зоните за дружење и на забавата со која заврши конференцискиот ден.

На главниот ден му претходеа пет дена работилници и тематски настани, од 14 до 18 септември, меѓу кои pre-DevFest, MAUI Day и Angular Day. Така, WhatTheStack и годинава прерасна во цела недела посветена на учење, размена на искуства и поврзување на технолошката заедница.

„WhatTheStack ја градиме од заедницата, за заедницата, заедно со луѓето што доаѓаат, предаваат, волонтираат и ја поддржуваат. Над 1.000 посетители во текот на една недела покажуваат колку е голема и активна оваа заедница. Благодарни сме на сите што беа дел од третото издание“, велат организаторите.

Конференцијата ја организираат невладините организации Base42, DeveD и Angular Macedonia, со поддршка од факултети, технолошки заедници, компании, партнери и волонтери. Главниот конференциски ден се реализираше во соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Факултетот за електротехника и информациски технологии и Машинскиот факултет.

Дискусија

Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...

Мени
Заедница
Изглед