Новата верзија на Chrome ќе донесе суперинтересна нова функционалност. WebGPU ќе му овозможи на прелистувачот да ја користи графичката картичка за видеоигри, графика и пресметки за вештачка интелигенција. Функционалноста ќе биде достапна со Chrome 113 кој треба да излезе во следните неколку недели. Поддршката за WebGPU ќе биде достапна на сите ChromeOS уреди со „Vulcan“, на Windows е потребна „Direct3D 12“ поддршка, а на macOS „Metal“.
„WebGPU е нов API за веб, кој ги отвора способностите на современиот хардвер и овозможува рендерирање и пресметки на графичкиот процесор, слично како Direct3D 12, Metal или Vulkan. За разлика од WebGL семејството на API, WebGPU нуди пристап до понапредни функционалности на графичкиот процесор и обезбедува првокласна поддршка за општи пресметки на графичкиот процесор. API-то е дизајнирано за веб-платформа, со идиоматски JavaScript API, интеграција со promises, поддршка за импорт на видеа и извонредно искуство на развивачите со одлични пораки за грешка“, вели Google на блогот на Chrome.
Функционалноста ќе отвори можност за подобри 3D апликации во Chrome, и секако за подобри видеоигри. Веројатно најголема предност ќе биде кај моделите за машинско учење кои ќе можат да прават пресметки локално, во прелистувачот на корисникот.
Ова е само прва фаза на WebGPU. Google најави дека нови функционалности ќе доаѓаат во иднина, а ги охрабрува и девелоперите и сами да даваат предлози и барања за дополнителни функционалности.
WebGPU е развиен како соработка на „GPU for the Web“ групата. Покрај Google на WebGPU работат и Mozilla, Apple, Intel и Microsoft. Првата имплементација е достапна на Chrome, но предвидена е поддршка и за Firefox и Safari.