За денот на вљубените напаѓа една од најочекуваните игри во месецот, особено доколку сте фанови на Ninja Gaiden и Dead or Alive.
Soleil Ltd. е тим во кој се наоѓаат поголемиот дел од девелоперите кои претходно работеа на горе споменатите игри и, од она што до сега го имаме видено, нивната најнова игра делува како одлично надоврзување на нивниот минат труд.
Wanted: Dead е уникатен хибрид чии механики влечат инспирација од бројни шутери, но и од игри кои не се плашат да станат интимни со непријателите преку користење најразлични ладни оружја. Како игра во трето лице, Wanted: Dead е хардкор во секоја смисла на зборот и бара тактичко прикрадување, криење зад препреки и употреба на арсенал од огнени и ладни оружја.
Борбите се ислучително предизвикувачки затоа што бараат од вас да ги разберете и совладате клучните гејмплеј системи. За среќа, таквата упорност се исплати бидејќи често ќе бидете наградени со брутални ликвидации во стилот на Џон Вик (на располагање имате над 50 уникатни финишери). Помеѓу битките, ќе пробате да се релаксирате со мини игри кои потсетуваат на игрите од Yakuza серијалот и нудат натпревари во јадење, играње ретро игри, и слично.
Сево ова се чини одлично спакувано во интригантна приказна каде, како дел од тимот задолжен за справување со зомби чудовиштата, потребно е да откриете скандалозен заговор кој пушта длабоки корени во дистoписка верзија на Хонг Конг.
Wanted: Dead веќе ја тестираме со цела пареа – очекувајте ја нашата рецензија на 14 февруари!