Во нападите во Газа, Израел користел вештачка интелигенција за контрола на флота дронови

во Вести

Израелските одбранбени сили (Israel Defence Forces) во нападите во Газа во мај користеле флоти дронови управувани од вештачка интелигенција. Беспилотните летала биле користени за лоцирање, идентификација и напади врз милитантите на Хамас, пренесе New Scientist.

Леталата преку вештачка интелигенција и суперкомпјутери кои ги обработуваат податоците, идентификуваат и елиминираат цели во Појасот Газа.

Израел ја користи вештачката интелигенција и во системот за ракетна одбрана „Железна купола“ (Iron Dome). Во овој случај алгоритми проценуваат дали некоја ракета е опасност за граѓаните. Ако ракетата се движи кон населено место системот испраќа пресретнувачката ракета која ја наведува кон опасноста и ја уништува пред да направи штета.

Единицата на Израелските одбранбени сили која ги развива алгоритмите е Unit 8200. Оваа единица користи најразлични податоци за развој на алгоритми за идентификување на стратешките точки за напад. Во развојот на алгоритмите влегуваат географски податоци, податоци за сигнали и податоци собрани со разузнавање.

Благодарение на развиените алгоритми и вештачка интелигенција „Железната купола“ успева да собори 90 отсто од ракетите во воздух. Во последниот конфликт врз израелска територија се испукани над 4400 ракети, а на територија на Газа се испукани 1500 ракети.

Она што останува непознато за јатата дронови е како воопшто е тренирана вештачката интелигенција. За креирање на вештачка интелигенција потребни се сетови на најразлични податоци на кои се тренира вештачката интелигенција. Поради недостигот на информации не може ниту да претпоставуваме како е тренирана вештачката интелигенција.

Не е првпат да се користи вештачка интелигенција за управување со дронови

Минатата година Организацијата на обединети нации објави извештај дека во март 2020 година Либија користела автоматизирани дронови за напад врз милицијата на Хафтар. Ова е прв официјално регистриран напад во кој автономни дронови се користат за напад врз мети без никаква интеракција од операторот на леталото. Во нападот се искористени повеќе летала кои напаѓале иста цел.

За нападите се искористени турски летала Kargu-2 кои Турција ги испратила на барање на властите во Либија. Дополнително постои сомневање дека Турција „позајмила“ дел од овие летала на Азербејџан за нападите во Ерменија во Нагорно-Карабах.

Автономните напади беа пречекани со остри критики од најголем дел од организациите за човекови права. Главна причина за ова е што откако ќе биде програмирана метата не постои начин за враќање на леталото, иако можеби состојбата со метата е променета. За разлика од ова во стандардните беспилотни летала операторот во секој момент може да ја прекине мисијата.

Четири држави се лидери во производството на беспилотни летала: САД, Израел, Кина и Турција. Кина и Турција иако подоцна се „придружија“ на листата веќе имаат конкурентно оружје.

Во мај оваа година претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, ги пофали успесите на автономните летала, додавајќи дека ќе биде неопходно да се обноват воените стратегии, пренесе Voice of America.

Ако беспилотните летала не се доволни, Израел користи и полу-автономно возило за патролирање на границата помеѓу Израел и Газа. Роботот „Jaguar“ може да детектира и уништи непријателски цели на далечина. За разлика од потполно автономното оружје со Jaguar сепак управува оператор кој го има последниот збор.

Возилото автономно се движи и притоа избегнува секакви пречки на патот. Сепак она што е малку поимпресивно е дека алгоритмите му овозможуваат самостојно да процени кога е неопходно да се врати за полнење на батериите. Возилото е опремено со митралези со калибар 7,62mm или 5,56mm.

Очекувано и пред да има најава за опасност од автономно носење на одлуки за напад кај машините имаше отпор против идејата. Активисти од иницијативата „Stop Killer Robots“ во 2013 побараа целосен мораториум за развој на овие роботи-убијци.

Овие системи сепак не се напредни како дел од оружјата кои ги замислуваме. Засега не носат автономно одлуки за тоа дали некоја цел е опасна или не е. Во случајот со нападите во Либија целта е селектирана однапред, а платформите автономно доаѓаат, ја пронаоѓаат и ја напаѓаат. Сепак постојаните промени на терен бараат можноста за прекин на нападите да биде постојано во рацете на операторите. Ова е едно од барањата на Министерството за одбрана на САД кои сè уште се залагаат платформите да имаат можност за откажување на барање на операторот.

Дури и со креирање на навистина паметни летала ќе биде неопходно да бидат тренирани со исклучително внимателно одбран сет на податоци, во спротивност би можело да има непредвидливи последици.

Предизвиците за тренирање на вештачката интелигенција не се ограничени исклучиво на воена примена. Токму ова и е причината за основање на Open AI во 2015. Непрофитната организација е основана во 2015 година и има за цел да се ограничи развојот на технологијата така што ќе се постават јасни и етички граници за идните паметни роботи, киборзи и алгоритми. Идејата е преку организацијата да им се даде финансиска независност на развивачите кои работат со вештачка интелигенција, што ќе им го отстрани притисокот од потребата за финансии. Дел од основачите на Open AI се Елон Маск, Питер Тиел и Сем Алман.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk
за целосна понуда на продукти, на market.it.mk