Во какви стартапи инвестира Европа, и во кои ќе инвестира Македонија?

Со цел да го потикне технолошките иновации и предприемништвото во Македонија, Владата на Македонија неодамна стартуваше фонд со кој им вети 600.000 евра на македонските стартапи. Фондот е секако за поздравување, но вистинскиот предизвик ќе биде да се одберат стартапи во кои ќе се инвестира. Фондот вели дека следи одредени критериуми, и според нив стартапите кои ќе ги добијат парите ќе треба да придонесат кон развој на модерното општество. Но како? Мотивирани од критика (фала Новица), се обидовме да пронајдеме како и во што инвестираат останатите држави.

Стартапи во Британија

Најчесто за инвестирање од државните фондови не е доволно единствено да се побараат средства, туку потребно е стартапот да понуди решение кое е за доброто на заедницата. За инвестиции од британската влада стартапите треба да објаснат зошто им е потребна поддршка од владата, дали стартапот овозможува нешто што без овие средства не би можело да се реализира, или дали постои значителен ризик за реализација на проектот. Британците имаат околу 500 милиони евра за идеи за споделување на знаење, понатамошно развивање на претприемаштвото, но и можност за привлекување на дополнителни инвестиции на пазарот. Едно од решенијата кое започна со инвестиција од британската влада, Snap Fashion, овозможува преку фотографирање на облеката да ја пронајдете истата во продавниците. Други интересен стартап кофинансиран со британски пари е Alpha Fox, кој разви чип што спречува фалсификати.

Startup America, стартуван по иницијатива на Обама

Иако стартап сцената во САД е неверојатна, со инвеститори на сите страни кои бркаат таленти и ризикуваат во нови сервиси, сепак и оваа земја им се посвети на стартапите кои сакаат да го подобрат општеството. По иницијатива на претседателот Барак Обама, САД во 2012 година ги стартуваше Startup America на иницијатива на претседателот Барак Обама. Освен пари, Startup America обезбедува обука и менторство за компаниите. Средствата се наменети за иновативни стартапи и креирање на потполно нови индустрии. Дел од иницијативата опфаќа и креирање на средина за подобра соработка помеѓу големите компании и стартапите. Владата на САД инвестира во дел од стартапите, но покрај ова и поединечните држави имаат самостојни фондови. Пример, во периодот од 2003 година до 2015-та државата Мичиген инвестирала околу 150 милиони во четириесетина стартапи во рана, seed фаза.

Startup Europe цели кон зајакнување на онлајн претприемаштвото

Европската унија веќе поодамна инвестира во стартапи преку Startup Europe програмата која има 850 милиони евра на располагање. Но, Европа има строги правила за средства од овие фондови, и иако постојат фондови за најразлични области, Унијата е најзаинтересирана за развој на истражувањата, иновативни идеи и оналјн претприемаштвото. Фондот ги покриваа средствата потребни во првата фаза на развојот како проценките на ризик, дизајн, студии на пазар и проверки на интелектуална сопственост, но и креирање на прототип, тестови и финализирање на продуктот.

Една од успешните инвестиции е Sonaptic Ltd, кој по инвестирањето станаа дел од водечките компании за развој на напредни аудио технологии за мобилните уреди. Пример, со европски пари во Бугарија се кофинансираа стартапи како Jumpido кој прави едукациски игри; Join The Players кој креира видео технологии за аметери-спортисти или Embrioo платформата со која се реализираат „спонтани идеи“. Во Грција на пример, како соседна држава, Европа има инвестирано во стартапи како Pollfish кој прави веродостојни анкети и во Mist.io, сервис за менаџирање на виртуелни сервиси.

Европа ја има и JEREMIE програмата, или Joint European Resources for Micro and Medium Enterprises, преку која се поттикнува европската стартап сцена. Преку оваа програма им се доделени неколку милиони евра на разни акселератори, вклучувајќи ги бугарските Launchub и Еleven кои се покажуваат круцијални за македонските стартапи. Овие два фонда веќе инвестираа 30.000 евра во македонската игра Excubitor и фантастични 100.000 долари во хрватско-македонскиот стартап u:Plug. Акселератори пројавија интерес за уште неколку стартапи и се сé почесто присутни на стартап натпреварите во земјава.

Ирска е даночен рај за стартапите

Дел од државите членки на Европската Унија имаат сопствени фондови за стартапи од кои новите компании би можеле да побараат средства. Пример, Ирска има фонд од 10 милиони евра, фондот е партнерство помеѓу јавниот и приватниот сектор и нуди инвестиции за сите стартапи без разлика од каде доаѓаат. Покрај ова Ирска има даночни поволности за инвеститорите во стартапите, но и даночни поволности за компаниите кој работат на развој на нови технологии. Дел од програмата повторно е креирање на средина во која стартапите можат да добијат совети, менторство, но и претставување пред други инвеститори, а дел од поддршката е и практична помош при освојувањето на странските пазари.

Кина има 6,5 милијарди долари за стартапи

Минатиот месец и Кина најави поддршка за стартапите со неверојатни 6,5 милијарди долари. Дел од овие средства ги обезбедува владата, а дел доаѓаат од приватниот сектор. Овој фонд е наменет пред се за зголемување на инвестициите во приватниот сектор и уште поважно намалување на зависноста на економијата од владините инвестиции во инфраструктурата и објекти. Кинеската влада е најзаинтересирана за развој во две области финансирање и биотехнологија.

Што во Македонија?

Фондот за иновации и технолошки развој може да биде одлична поддршка за стартапите и акселераторите, но иако ветувањето е фанстастично – 600.000 евра за стартапи – сепак Македонија до сега не се покажува како најиновативната земја, ниту пак како најтранспарентната. Ќе треба да почекаме за да видиме кој ќе се пријави на конкурсите, и кој ќе биде одбран за кофинансирање. До тогаш може да го преслушате излагањето на Јасмина Поповска, директорка на фондот. Аудиото е снимено на Startup Grind Skopje во јуни 2014-та година, кога прв пат беше претставен фондот.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
1 Коментар
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
novica
11 years ago

браво