0 коментари 2 мин. читање

Владата подготвува законска рамка за дигитален паричник

Измените во Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги предвидуваат и дигитален паричник. Промените во законот се носат како дел од процесот за усогласување со европското законодавство кое го прави Владата. Нацрт законот е јавно достапен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).

Најмногу од проширувањата во нацртот се однесуваат на дигиталниот паричник и на начинот на кој ќе се управува со него. Неговото воспоставување и издавање  е преку Министерството за дигитална трансформација.

Технички спецификации и функционалности на дигиталниот паричник

Дигиталниот паричник ќе функционира во рамки на шема за електронска идентификација со висок степен на сигурност, со цел заштита на личните податоци на корисниците. Паричникот ќе овозможи складирање и управување со лични податоци. Покрај ова ќе биде овозможено и: генерирање псевдоними за зголемување на приватноста, автентикација на корисници на различни платформи и услуги, како и електронско потпишување на документи. Дополнително, ќе биде обезбеден пристап до регистри на податоци и трансакции, со цел зголемување на транспарентноста. Формата, содржината и начинот на користење на дигиталниот паричник од страна на корисникот ја пропишува министерот

Паричникот ќе може да го користат приватни и правни лица, а неговата употреба нема да биде задолжителна.

Интероперабилност и пристапност

Според нацртот, Министерството за дигитална трансформација работи на обезбедување интероперабилност на дигиталниот паричник. Ова подразбира негова компатибилност со различни платформи и услуги на национално и меѓународно ниво. Исто така, ќе се посвети внимание на пристапноста за лицата со попреченост, со цел да се обезбеди еднаков пристап до дигитални услуги за сите граѓани.

Министерството соработува со надлежни меѓународни институции за прашањата поврзани со прекугранична интероперабилност на дигиталниот паричник со цел да се утврди највисокото можно ниво на интероперабилност на дигиталниот паричник на национално ниво, со цел негова интеграција и интероперабилност во меѓународните регистри на сертифицирани Европски дигитални паричници за електронски идентитет.

Засегнатите страни, кои ќе користат дигитален паричник за обезбедување на јавни или приватни услуги, ќе мора да се усогласат со пропишаните регулаторни барања. Ова вклучува почитување на стандардите за безбедност и приватност на корисниците, како и одговорност за спроведување на процедурите за автентикација и верификација на податоци. Министерството ќе обезбеди техничка поддршка и ќе ги информира корисниците за евентуални безбедносни ризици.

Очекувањата се дека со дигиталниот паричник ќе се привлечат повеќе инвестиции во дигиталните технологии. Благодарение на ова ќе биде поттикната и иновација во останатите сектори, на пример финансии, здравство и образование.

Напишано од

Дејан Соколоски е автор на IT.mk. Долгогодишен гејмер кого го интересираат обновливите извори на енергија, автоматизација, хардвер, фан е на стрипови, алтернативна уметност и Ливерпул.

Мени
Заедница
Изглед
To top