Според Wall Street Journal, американската влада обезбедила тајни судски наредби според кои Google и Sonic, мал интернет провајдер, биле обврзани да предадат информации од имејл профилот на Јакоб Апелбаум, 28-годишен активист за човекови права и волонтер во Wikileaks.
Во судските наредби кои биле дадени до Google и Sonic имало и барање да се предадат имејл адресите од сите оние со кои Јакоб Апелбаум контактирал во последните две години, но не и целосните пораки. Во наредбата се бара од Google да ги предаде сите IP адреси од кои г. Aпелбаум се има логирано на неговиот Gmail профил, како и IP адресите на сите оние со кои има контактирано. Против Јакоб Апелбаум, кој е програмер на Tor мрежата за криење на идентитетот онлајн, не е покрената никаква тужба.
Google го нема коментирано овој случај, и не се знае дали ги има исполнето наредбите од американската влада. За разлика од Google, интернет провајдерот Sonic излезе на суд да ја брани приватноста на информациите кои се барале, меѓутоа го изгуби слујачот и мораше да ги предаде информациите на американските власти. Според компанијата, излегувањето на суд ги чинело многу, на финансиски план, меѓутоа тоа било исправна одлука.
Причина за тајните судски наредби на американската влада е тоа што Wikileaks има откриено стотина илјади доверливи документи, и со тоа ја има посрамотено САД и нејзината дипломатија. Тајните судски наредби се дел од законот „Приватност на електронски комуникации“, според кој американската влада има пристап до приватни информации од мејлови и телефони без да има судски налог за тоа. Законот е донесен во 1986-та кога интернет комуникацијата не ни постоеше. Google, Microsoft и други ИТ гиганти лобираат тој закон да се надгради заради новите технологии.
На почетокот од оваа година, американската влада исто така со тајна наредба бараше од Twitter да предаде информации за оние корисници кои се подржувачи на Wikileaks, вклучувајќи го и г. Апелбаум, меѓутоа Twitter отиде на суд и успеа да му биде дозволено да ги информира корисниците дека ќе ги предадат информациите. И тогаш против луѓето чии информации се бараа немаше покренато тужба.







