Visa најави дека нивниот дигитален паричник V.me на есен ќе стартува во Британија, Франција и Шпанија. Сервисот ќе овозможи корисниците да складираат податоци од платежните картички на веб и поедноставно да купуваат онлајн.
V.me е налик на PayPal. Ќе им овозможи на корисниците да складираат разни картички, ќе дозволи и закачувањe и на MasterCard, American Express и други, и со нив да плаќаат за добра купени или нарачани на сајтови. Ова ќе го олесни и забрза плаќањето бидејќи ќе биде потребно само да се логирате на V.me и да купите нешто, наместо да мора да се внесуваат 16 цифри, датуми и други детали. Visa стартува и програма за програмери кои ќе имаат пристап до API-ја за да овозможат едноставно плаќање и преку апликации, пример Facebook игри.
На почетокот V.me ќе биде достапен само преку веб сајт, а потоа се планира и мобилна имплементација преку апликации што ќе овозможат мобилно плаќање со Near-field communication (NFC) технологија.
Секако, PayPal сè уште го нема во Македонија, и сигурно се прашувате дали и V.me ќе биде достапен за македонските корисници. Но, остануваме оптимисти само поради фактот дека дигиталните паричници и мобилното плаќање ќе бидат стандард наскоро, како во светот така и во Македонија. Прашање на време е само.