Некои игри едноставно не можат да се опишат со еден збор. Таква е играта на развојното студио orangutan matter.
Од една страна, Unleaving е мрачен, атмосферски, рачно-нацртан платформер со загатки во кои се запазуваат физичките закони.

Од друга страна, илјадниците рачно нацртани цртежи и внимателно избрани зборови пуштаат корени во двосмислени метафорични значења и охрабруваат длабоки филозофки размислувања.
Како резултат, добиваме одлично-реализирано ремек дело, како во поглед на визуелната презентација, така и во начинот на кој музиката и звукот играат клучна улога за градење впечатлива атмосфера.
Unleaving е интересен спој помеѓу Braid и Limbo
Во Unleaving, работите кои ги гледате се рачно нацртани. Апсолутно сите цртежи се резултат на одредена уметничка техника. Ова, заедно со впечатливата музичка подлога и звучни ефекти, инстантно не потсети на хитот на Number None.

Од 2009 година, па наваму, ретко која игра успеа на оригинален визуелен и аудио начин да го зграпчи вниманието на играчот како што успеја Braid. По првите неколку минути дружење со Unleaving, ќе сватите дека играта влече и силна инспирација од Limbo, особено во начинот на кој загатките се осмислени.

Unleaving има моќна визуелна презентација и уште помоќна приказна која се константно држи отворена за различни интерпретации.

Но, доколку не сакате платформски игри и предизвикувачки загатки, играта би можела за многу брзо време да ве остави исфрустрирани. Иако некои од загатките се релативно лесни и логични, благодарение на силното запазување на физичките закони, дел од загатките знаат и-тоа-како да ве измачат.

Во случај да ужиате во ваквите предизвици, тогаш Unleaving ќе го искористи моќниот коктел на уметничка презентација и суптилните музички тонови за да ве постави во тобоган од емоции од кој нема да сакате лесно да се симнете.

Повеќе детали за играта
- Произведува: orangutan matter
- Издава: orangutan matter
- Жанр: платформер со загатки
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 27 март 2024







