Често се случува да треба да споделуваме одредени линкови. Проблемот кај повеќето од нив е тоа што се исклучително долги. При споделување линкови со кирилична поддршка се случува финалниот резултат да е редови и редови од бројни знаци и симболи, збунувачко множество за кое ќе ви треба еден час и два лексилиуми доколку пробате рачно да го внесувате. Поради тоа, она што се препорачува е да се користат таканаречени link shortener-и или скратувачи на линковите. Овие алатки прават долгите URL да изгледаат како да се кратки, а и даваат интересни статистички податоци како кој колку пати кликнал на нив.
Долго, непрегледно и далеку од професионално.
Три најдобри скратувачи на линкови:
Kutt.it – многумина го нарекуваат овој сервис како bit.ly, но со почист, попрегледен и полесен интерфејс. На горниот дел од страната имате поле за вашиот линк, а подолу се опциите за внесување ваши суфикси, па дури и можности за заклучување со лозинка. На долната страна ви се сервираат основни статистички податоци за секој ваш URL, како колку пати е кликнато на него, преку кој прелистувач и на кој оперативен систем. Kutt.it се одликува и со соодветни екстензии за прелистувачите Chrome и Firefox. Употребата на овие екстензии значително го забрзува севкупното искуство, особено при честа потреба за споделување линкови во скратена форма.
Cutt.ly – За едно место подолу, овој сервис се наметнува со набилдани услуги, но не и со истата прегледност. По посетувањето на Cutt.ly, го наоѓате полето, го внесувате линкот и кликнувате на копчето Shorten. Се останато се чини непотребно искомплицирано. Имено, за поголема контрола и уредување на скратениот линк, потребно е да се упатите кон Dashboard, да го најдете линкот, па тогаш да изберете change alias/url. Многумина го фалат сервисот поради богатите можности за UTM (Urchin Tracking Module), корисна метода за откривање дали функционираат вашите кампањи низ социјалните медиуми. Не сме фанови на бројните реклами кои доминираат на горниот дел од страната.
lstu.fr – Let’s Shorted That URL е уште еден сервис кој би можеле да го погледнете, доколку не сте задоволни со горните два. На прв поглед, се чини како да функционира во исклучително основна форма, но минималистичката површина крие подлабоки можности за уредување на линковите и запознавање со тоа колку пати се кликнува на нив. Предната страна нуди две полиња; едното поле за долгиот линк, а другото за текстот кој сакате да дојде по префиксот lstu.fr. Како и Kutt.it, така и Lstu.fr, ви дозволува да користите екстензии за прелистувачите Chrome и Firefox. Екстензиите функционираат на сличен начин и нудат инстантно скратување на долгите линкови.
И уште три други, релативно добри скратувачи на линкови:
Bit.ly – Иако повеќе нѝ се допаѓа cutt.ly, не можеме да негираме кој седи на тронот. Со години наназат, bit.ly се истакнува со лесни можности за кратење и уредување линкови и со подлабоки статистички увиди.
Bit.do – Интересно, но скромно решение кое првенствено би ви користело за брзо кратење на линковите, без да нуди некакви подлабоки можности во одделот со уредување и статистика.
Rebrandly – Соодветна алтернатива на Bit.do, или, можеби, lstu.fr. Нема да погрешите доколку барате набрзина да скратите некој линк, но не и за нешто повеќе од тоа. Премиум претплатата отвора поразлична димензија, но, со оглед да сме заинтересирани за бесплатните можности, многу други сервиси нудат значително многу повеќе.