Третиот најголем производител на паметни телефони, кинескиот гигант Huawei најави тужба против САД. Причина за тужбата секако е ревидирање на санкциите против компанијата.
Администрацијата на САД ја стави компанијата на „црна листа“ со изговор дека се опасност за државната безбедност. Сепак се чини дека причина за санкциите не е државната безбедност, туку зголемување на притисокот врз Кина во трговската војна со САД.
Huawei смета дека членот 899 од Законот за национална безбедност на САД е во спротивност на Уставот на САД. Членот 899 од Законот за национална безбедност на САД го спречува Huawei да тргува со американски компании и институции преку поставување законски ограничувања, не само за купување на производите и услугите на компанијата, туку и за склучување на договори или обезбедување на гаранции и заеми на трети лица, без разлика дали тие имаат директно влијание врз владата на САД.
„Санкциите против компанијата се користат како оправдување за зголемување на американската сајбер-сигурност во никој случај не ги прават глобалните мрежи побезбедни. Санкциите обезбедуваат илузорно чувство на сигурност и го одвлекуваат вниманието од реалните проблеми со кои се соочуваме. Американските политичари ги користат ресурсите на една нација за да ги извршуваат задачите на приватна компанија. Ова не е прифатливо. Не сум сигурен дали има друг таков случај во човечката историја “, вели Сонг Лиупинг шеф на правниот оддел на Huawei.
Сослушувањето ќе се одржи на 19 септември, но дотогаш целиот спор може да биде надминат.
Последните санкции со кои администрацијата на САД, ја додаде Huawei на листата на компании со кои трговијата е дозволена единствено со лиценца се сериозен предизвик за компанијата. Google, Microsoft, ARM, Intel, Qualcomm и АMD ќе престанат да испорачуваат делови или софтвер. Дополнително, поголем проблем е со поставувањето на 5G инфраструктурата, засега единствено САД, Австралија и Нов Зеланд ја „бојкотираат“ кинеската компанија, но без сомневање оваа листа наскоро би можела да се прошири. Huawei е еден од најголемите производители на телеком инфраструктура и трет најголем производител на паметни телефони.