Топ 5 слушалки за вашиот паметен телефон

(Oва е гостински пост од Андреј Шевченко, кој работи како маркетинг експерт во софтверска компанија во Варшава, и е во потрага по совршените слушалки)

Колку често користите слушалки во уво за слушање музика? За многумина квалитетот на слушалки не е важен, бидејќи ги користат само за разговори. Истите доаѓаат во пакет со паметните телефони, па се чини дека нема потреба за нови.

Во Варшава каде моментално живеам, имам можност да тестирам различна аудио опрема – што во продавница, што дома. Интернет сајтовите нудат бесплатна достава, враќање до 100 дена, достава за 24 часа – сѐ со цел да се биде поконкурентен. По многу време поминато во потрага по перфектните слушалки, креирав листа на добри зделки кои нудат квалитетен звук за цената.

Philips Fidelio S1 (~ 4.700 ден.)

Philips е едно од големите изненадувања оваа декада. Компанијата се враќа на голема врата со своите аудио продукти наменети за пошироката јавност. Во бизнисот со слушалки сe уште од 1960 година, но вистинската промена ја означија со Fidelio линијата во 2012-та.

Овие динамични слушалки имаат тесно сместување и помалку изолација, што е идеално ако сакате да останете свесни за околината. Тоа ги прави совршени за движење низ градската гужва. Philips Fidelio S1 имаат динамичен драјвер од 13,5 мм. Дизајнирани се да имаат плитко и тесно сместување во ушната шуплина под одреден агол. Кабелот е плоснат за да нема заплеткување, а на него има микрофон и далечинско со три копчиња кое работи со паметни телефони и таблети. Далечинското работи целосно само на Apple уреди (на Android не може да ја регулирате јачината на гласот).

Овие слушалки бараат добро сместување во увото, за да ги почувствувате перформансите на највисоко ниво. Ова важи за секоја слушалка, но со S1 нема простор за грешка. Без добар фит, квалитетот на басот и средните тонови опаѓа, па звукот ја губи својата длабочина. Со топол призвук и отсечен бас, чисти средни и артикулативни високи тонови, овие слушалки ќе го променат начинот на кој слушате музика додека одите на работа.

RHA MA-750i (~ 8.700 ден.)

Шкотската компанија RHA е присутна на пазарот веќе неколку години и главно лансира слушалки со потенцирана бас линија. Овојпат, се работи за модел кој има одлични перформанси и изолација, но сепак не му недостига длабок бас. Она што ќе забележите на прв поглед кај RHA MA-750i: импресивен дизајн како од лабораторијата на Џон Ајви, дизајнерот за продукти од Apple. И не е чудно што ќе ги најдете во продавниците на Apple, со верзија адаптирана за нивните уреди која вклучува микрофон и далечинско со три копчиња. За жал, нема Android верзија па регулирањето на гласот кај Аndroid телефоните се одвива преку самиот уред.

Слушалките се направени од нерѓосувачки челик, што дополнително ги одделува од конкурентите и ги прави неверојатно издржливи. Поставувањето на уво е преку ушната школка со помош на куки, при што жицата се адаптира и ќе ја задржи формата во иднина. Материјалот е пријатен и може да се обликува по желба со помош на топол воздух.

За да нема дилема дека се работи за премиум слушалки, MA-750i доаѓаат со 10 пара завршетоци за разновидни ушни шуплини, како и торбичка за носење. Ако ве интересира нешто исто толку квалитетно но без микрофон, погледнете ги и Shure SE215 – еден од најпопуларните Shure модели.

Philips TX2 (~ 1.900 ден.)

Како што претходно спомнав, Philips наметнува нов стандард кај слушалките за во уво и затоа се најде два пати на оваа листа. Philips TX2 има неверојатна вредност за цената и ја подигна границата за аудио перформанси со мал буџет. Како и кај Fidelio S1 погоре, дизајнот е со вметнување на драјверот од 13,5 мм во ушната шуплина. Изолацијата на звук не е перфектна, што ги прави одлични доколку сакате да останете свесни за она што ве опкружува. Дополнително, оние со мали ушни шуплини може да имаат потешкотии при вметнување.

Просечниот корисник на слушалки сака повеќе бас, па TX2 го нудат токму тоа, задржувајќи го тонскиот баланс. Philips TX2 доаѓа во бела и црна варијанта, со лесен плоснат кабел кој не се вплеткува. Силиконските завршетоци се во три големини, додека далечинското со едно копче има слична функционалност кај Apple уреди, Android, па дури и Windows телефони.

TX2 не ја делат металната конструкција на Fidelio S1, како и бројните додатоци, па затоа и цената е пониска. За она што го плаќате, најверојатно нема да најдете подобри слушалки. Ако немате потреба од микрофон погледнете ги и одличните Sennheiser CX 300-II, кои се меѓу најпродаваните модели на Amazon.com во моментов.

Xiaomi Piston 3 (~ 1.200 ден.)

Третата генерација Piston слушалки од кинескиот производител Xiaomi e перфектниот избор за било кој Аndroid уред, како подобра замена на слушалките кои доаѓаат при купување на смартфон. Aлуминиумскиот дизајн е солиден и вклучува функционално далечинско со три копчиња за Аndroid уреди, нешто што е реткост на пазарот.

Xiaomi не е било која кинеска компанија, туку трет по големина производител на паметни телефони во светот и број 1 во Кина. Како дел од инженеринг процесот, тие ги вклучуваат своите фанови и корисници со цел да ги усовршат производите. Оние кои флешуваат Аndroid ромови веќе ги познаваат по MIUI.

Пакувањето е одлично и не изгледа како за слушалки од 1.200 денари. Целиот производ комплетно наликува на слушалки од повисока класа. Piston 3 може да ги купите во црна или бела боја.

За разлика од втората верзија на Piston, третата генерација нуди комплетно нов дизајн – разумно балансирани, ергономски и далеку подобри од Piston 2. Ова е мојата препорака во 2015-та за секој што е во потрага по евтини и квалитетни слушалки. Доколку решите да ги купите внимавајте на копии.

Panasonic RP-TCM125 (~ 600 ден.)

Ако сте во потрага по најевтините слушалки кои нудат пристоен звук, тогаш можеби ова е вашата зделка. Panasonic RP-TCM125 се солидна замена за преценетите Apple слушалки кои доаѓаат со секој iPhone.

Дизајнот е едноставен и достапен во 5 бои. RP-TCM125 се комотни и лесни за носење, со силиконски завршетоци во три големини. Далечинското е со едно копче и на него се наоѓа микрофонот. Преку него можете единствено да ја контролирате музиката и да се јавувате на повици. За жал, нема копчиња за подесување на јачината на звукот.

Именувани и како Ergofit, овие слушалки лесно се прилагодуваат на увото. Ќе останат на вашите уши без разлика дали трчате по автобус, џогирате во парк или разговарате додека се движите низ домот. Звучниот профил е балансиран, креиран за сите жанрови и извори на музика. Басот не е нагласен, па ако барате нешто со повеќе бас ќе треба да ги погледнете моделите погоре.

Кои слушалки се вашиот фаворит?

Идеални слушалки нема. Или барем досега не сум ги открил. Сите имаат свои недостатоци и предности, па затоа внимателно одберете бидејќи голем дел од слободното време ќе го минувате слушајќи музика. А тоа треба да е уживање! Коментарите се отворени за вашите фаворити.

Но, доколку сте во потрага по поинакви слушалки, тогаш погледнете ја оваа листа на Пет затворени слушалки за аудиофили од секаков ранг.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
9 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments
alekgev
alekgev
10 years ago

JVC HA-FX3X – http://www.jvc.co.uk/product.php?id=HA-FX3X-E

Едни од НАЈДОБРИТЕ со пониска цена а сигурно се подобри и од повеќето со поголем стандард.

Многу квалитетен и широк дијапазон на звук, исто и екстра бас. "Noice cancelation" имат задоволителен и се супер ергономски (повеќе преферирам од поголемите слушалки за на глава – headband, но со овие имам многу подобро искуство од Sony-то okolu 40eur.).

Џони
Џони
10 years ago

Каде може да се најдат Пристон 2 у Скопје?

@cchevymk
10 years ago
Reply to  Џони

Piston 2 можеш да ги нарачаш од тука: http://goo.gl/8xPqI5, ги нема во Скопје.

moondowner
moondowner
10 years ago

Тотално задоволен од mdr-zx600 http://www.sony.co.uk/electronics/headband-headph… онлајн се околу $50 и ги има во некои продавници кај нас.

Инаку, штета што сите предлози се in-ear слушалки, некои луѓе не ги поднесуваат :)

@cchevymk
10 years ago
Reply to  moondowner

Пишувам статија за затворени слушалки која ќе биде објавена во текот на месецот. Sony имаат добри евтини слушалки, па дефинитивно ќе има нешто во топ 5 :)

Dzole
Dzole
10 years ago

Gi imam Xiaomi Pistons v2, za cenata se odlicni sekako super e toa sto imaat funkcionalni kopcinja za Android uredi plus mic za razgovori.

Ako e vo prasanje samo slusanje muzika togas SoundMagic ES18 ili ES10. 3 pati poevtini od Pistons a mnogu malku zvucna razlika..

Cheers

Leo
Leo
10 years ago

IEMs pod 200 evra ne vredat…. shure se315, sennheiser ie80, sony mdr-ex800st ili Audio-Technica ATH-IM02 po moe se dovolno ok….

Јован
Јован
10 years ago

Моментално ги користам овие: http://static.sg.groupon-content.net/30/14/141152

Феноменални!

Nas
Nas
10 years ago

Xiaomi Pistons можат да се најдат за 1100 ден (22usd). Најдобрите и најефтини слушалки за 2014.